Османи: Името на бугарскиот клуб е провокација, но не можеме да дозволиме тоа да ги урива разговорите со Софија

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, на денешниот брифинг со новинарите, по повод отворањето културен клуб на бугарското здружение „Ванчо Михајлов“, рече дека името на клубот е провокација и дека тоа е спорно, а не неговото отворање.

„Државата се однесуваше така како што треба и така како што се интересите на оваа држава и на нејзините граѓани. Провокација е името на клубот, но не отворањето на клубот и за тоа мора да направиме разграничување“, изјави Османи.

За тоа дали е прекршен преговарачкиот процес со Бугарија, Османи рече дека „сигурно е ставена дамка на односите, на разговорите и на преговорите“, но оти не може да дозволи тоа го урива процесот.

„Еве ќе кажам иако тоа не е во ред, тоа можам да го кажам само на маса, не по медиуми. Ние не можеме да ги внесеме Бугарите во Уставот пред почетокот на преговорите и тоа нема да се случи и тоа го кажувам година време. Не заради тоа што не сакаме, едноставно не можеме“, изјави Османи.

МНР, посочи тој, не реагира по емоции, туку по стратегијата и интересите на државата – оваа земја да биде членка на ЕУ, штитејќи ги интересите и позициите утврдени од Парламентот.

Според Османи, дел од присутните на настанот во Битола имале и намера да испровоцираат наша реакција и да покажат пред светската јавност дека овде не се почитуваат човековите права.

Дадовме јасна порака, нагласи Османи, што не бевме присутни таму, и нема да бидеме сѐ додека тоа име стои на клубот.

„На друг клуб, со друго име, ќе бидеме таму, ќе охрабриме и сметаме дека бугарската заедница овде може и е мост на зближување помеѓу двете држави, но не на ваков начин“, изјави Османи.

Тоа што дипломатијата не можеше со месеци да го објасни што всушност правиме ние, додаде министерот, се објасни за еден час.

„Затоа мислам дека ние не треба да бидеме тие што сме вознемирени, разочарани. Ние направивме тоа што ѝ доликува на една демократска држава која што размислува стратешки напред. Нека си се објаснат тие зошто им се важни тие ликови или не. Но, ние нема да бидеме дел од алибито на кој било за да си ја спречиме нашата европска иднина“, оцени Османи.

Прочитајте и:  Средба Сиљановска Давкова - Радев во Баку: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ

На прашањето дали ќе побара отворање на македонски клуб во Бугарија, Османи одговори дека во Софија веќе има Културно-информативен центар на Северна Македонија.

„Така што, не може ние да отвораме, можат заедниците, Македонците да отворат клубови“, посочи тој.

Во одговор на тоа на кој начин е регистрирано здружението, имајќи ја предвид вчерашната изјава на тогашната министерката за правда Рената Дескоска која кажа дека во 2019 Министерството за правда не дало одобрение за употреба на името „Иван Михајлов“, Османи истакна дека тоа не е надлежност на МНР.

„Ние не сме вклучени во тоа, но има два закони – Закон за здруженија и фондации и по однос на друг закон го запишале здружението, меѓутоа за тоа навистина јас не можам да зборувам, ќе треба да видите во Министерство за правда или другите органи. Тука МНР навистина нема надлежност“, рече тој.

Османи повтори дека барањето за посета на бугарската делегација на отворањето на културниот дом во Битола пристигнало од потпретседателката на Бугарија – Илијана Јотова, а потоа се приклучил и бугарскиот премиер Кирил Петков.

„Се разбира дека една од нашите претпоставки беше дека посетата токму на центар кој носи име што овде е контроверзно може да има и задни намери: дека спорот е спор за човекови права и дека бугарската заедница не ги ужива своите права тука и не ги исполнуваме Копенхашките критеруми“, изјави Османи.

Тој нагласи дека отворањето на клубови на бугарската заедница е апсолутно неспорно во Република Северна Македонија.

„Бугарската заедница има таква можност, слобода и охрабрување да се организира и да ги манифестира своите културни и идентитетски атрибути во која било форма, но не на начин што ги провоцира или ги вознемирува останатите граѓани“, изјави Османи.

Османи посочи дека смета оти изборот на името на клубот е несреќен, но дека не може да каже кои се намерите позади тоа.

МИА

- Реклама -