Кај Лавов уништени логистички центар и складиште со донирано странско оружје, тврди руското Министерство за одбрана

Руската армија вечерва соопшти дека денеска во близина на Лавов, со ракети со висока прецизност, уништила големо складиште со странско донирано оружје што неодамна ѝ било доставено на Украина, пренесоа француските медиуми.

„Утринава руските воздухопловни сили извршија напад со ракети со висока прецизност врз логистички центар на украинските вооружени сили во близина на Лавов“, изјави портпаролот на руското Министерство за одбрана – Игор Конашенков.

Според него, уништени се логистичкиот центар и голем дел од складираното странско оружје што „САД и европските земји го испорачале во последните шест дена“.

„Уништено е и складиште за муниција кај Василково, во Киевската област“, додаде Конашенков.

Според Министерството, руската војска во текот на денот уништила вкупно 16 украински воени локации, вклучително и фабрика за поправка на тактички ракети „Точка -У“, неколку складишта за муниција, и складиште за гориво.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

Извор: МИА

- Реклама -