Градоначалникот на Битола: Со провокации и оживување на мрачното минато не се градат добрососедски односи

„Битола е космополитски, конзулски град, во кој посебно се почитуваат културите, традициите и вредностите на сите народи и треба да биде вистински пример за негување на македонскиот идентитет и култура во сите други земји, каде што живеат Македонци.

Добрососедските односи се градат само со меѓусебно почитување и признавање, но никако со индиректни провокации и оживување на едно мрачно минато на кое потсетува името на Бугарскиот културен клуб ‘Ванчо Михајлов’“, реагира градоначалникот на Битола – Тони Коњановски, по денешното отворање на културниот клуб во „градот на конзулите“, на кое присуствуваше највисокиот државен врв на Бугарија, предводен од премиерот Кирил Петков.

Коњановски, воедно, побара реципроцитет и од другата страна на границата:

„Кога веќе централната власт и националното законодавство дозволија во Општина Битола да се регистрира и функционира ваков културен клуб, тогаш време е нашите источни соседи да овозможат вистински реципроцитет и да покажат почитување на правата на Македонците во Бугарија, можности за нивно културно изразување и негување на македонската култура и историја.

Тогаш, кога ќе добиеме покана за присуство на отворање на Македонски културен клуб во Бугарија, дури тогаш ќе знаеме дека сме на вистинскиот пат кој значи взаемно почитување и искрено пријателство“, порача Коњановски, додавајќи дека очекува токму бугарскиот премиер Петков да биде првиот иницијатор кој во Бугарија ќе го покрене прашањето за промоција на македонската култура, еднаквост и поголеми права на Македонците кои живеат таму.

- Реклама -