Москва, 16 април 2022 (МИА) – Руските власти денеска соопштија дека на британскиот премиер Борис Џонсон и на неколку британски високи функционери им е забранет влез во Русија како одговор на британските санкции воведени кон Москва поради војната во Украина.
„Овој чекор беше преземен како одговор на претераната медиумска и политичка кампања насочена кон меѓународна изолација на Русија и создавање услови за кочење на нашата земја и задушување на националната економија“, соопшти руското Министерство за надворешни работи, пренесе Бета.
Министерството ги осуди британските „непријателски дејствија без преседан“, особено санкциите против високи руски функционери.
„Британската Влада намерно се обидува да ја влоши ситуацијата околу Украина со снабдување на режимот во Киев со смртоносно оружје и координирање на слични напори во име на НАТО“, се додава во соопштението.
Покрај Џонсон, на руската „црна листа“ се и вицепремиерот Доминик Раб, министерката за надворешни работи Лиз Трус, министерот за одбрана Бен Валас, поранешната премиерка Тереза Меј и првата министерка на Шкотска (премиерка) Никола Старџен.