Имотот на „Треска“ нема никаква врска со стечајните работници

Стечајните работници од поранешната фабрика за производство на мебел „Треска“, кои бараат исплата на придонесите во период од 18 месеци и исплата на заостанати плати за период од две години, немаат никаква врска со имотот на фабриката, реагираат сопствениците на приватни парцели на имотот кај поранешната фабрика.

Тие ја потсетуваат јавноста дека нема никаков имот во стечајната маса на „Треска“, како и дека тие немаат купено никаков имот од таа стечајна маса. Оттаму, велат, категорично ги отфрлаат тезите дека стечајните работници имаат било каква поврзаност со имотот на фабриката и дека тие, како сопственици, имаат обврска да ги исплатат нивните долгови.

„За потсетување, за локацијата се водеше 20-годишен судски спор по кој најголемиот дел од имотот – 92%, му припадна на едно лице по пат на денационализација, додека само 8% влегоа во стечајната маса, од која беа обесштетени дел од вработените. Исплата на средства и стаж добија само вработени во ‘Треска мебел’, додека оние кои работеле во останатите седум друштва на фирмата ‘Треска’ не добиле никакви средства. Причината за ова лежи во тоа што друштвата биле формирани од ‘Треска мебел’, но без никаков имот.

Затоа, за сите одговори, нејасностии и исполнување на работничките права, ги упатуваме стечајните работници да ги побараат од институциите и стечајниот управник кој ја извршил продажбата на оваа некогашна индустриска сила“, се вели во реакцијата.

- Реклама -