Руската и украинската страна ги продолжуваат преговорите за решавање на ситуацијата во Украина во онлајн формат, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Руско-украинските преговори за договор за решавање на ситуацијата во Украина продолжуваат и се водат онлајн, рече Захарова на брифинг“, пренесуваат руските медиуми.
Според неа, украинската делегација „ги насочува напорите да не се постигне договор, туку да се одложат преговорите“.
Во исто време, Захарова нагласи дека „ништо нема да го спречи исполнувањето на целите и задачите на специјалната операција на Руската Федерација во Украина“.
Како што рече Захарова, ниту снабдувањето на Киев со оружје од западните земји, ниту заплашувањето нема да ја одвратат Русија од исполнување на нејзините цели и задачи во Украина.
„Сакам уште еднаш да потврдам дека никакво снабдување на Киев со западно оружје, никакви терористички методи на војување на украинските вооружени групи, вклучително и заплашување, пропаганда, фалсификување, дезинформации, закани, ништо нема да го спречи исполнувањето на целите и задачите поставени од властите на Руската Федерација“, рече Захарова на брифингот.
МИА