САД побараа Русија итно да го ослободи рускиот опозиционер Владимир Кара-Мурза

Администрацијата во Вашингтон ги повика руските власти веднаш да го ослободат рускиот опозициски политичар Владимир Кара-Мурза.

„САД се загрижени од тоа што се случи со задржувањето на истакнатиот лидер на граѓанското општество Владимир Кара-Мурза. Внимателно ја следиме ситуацијата и настојуваме со повик за негово итно ослободување“, се вели во изјавата на државниот секретар Ентони Блинкен објавена синоќа на Твитер.

Кара-Мурза е жесток критичар на рускиот воен напад на Украина. Минатиот месец, скоро по почетокот на инвазијата, тој и други опозиционери и граѓански активисти го создадоа Антивоениот комитет на Русија. Комитетот ја повика меѓународната заедница да го објави за „воени злосторници“ политичкото раководство на Русија кое даде наредба за почеток на воените напади на Украина.

Кара-Мурза беше задржан синоќа на улица пред неговата зграда. Адвокатот на задржаниот, Вадим Прохоров, напиша на Фејсбук дека опозиционерот може да добие 15 дневен притвор. Адвокатот соопшти дека не му било дозволено да го види својот клиент.

Хелсиншкиот комитет на САД исто така повика на ослободување н Кара-Мурза.

„Ние сме вознемирени од задржувањето во Москва на Владимир Кара-Мурза, кој не е злосторник а вистински патриот носен со потенцијалот за демократска иднина за Русија и слобода за нејзиниот народ. Тој мора да добие адвокат и треба веднаш да биде ослободен“, се вели во изјавата на комитетот.

Прочитајте и:  Блинкен: Вклучувањето на Севернокорејците во непријателствата во Украина ќе добие силен одговор

Како што пренесе Радио Слободна Европа, Окружниот суд Хамовники во Москва денеска го осуди Кара-Мурза на 15 дена затвор поради непочитување на полициска наредба.

Според неговиот адвокат Прохоров, полицијата на сослушувањето изјавила дека политичарот „се однесувал несоодветно откако видел полицајци, ја променил траекторијата на своето движење, почнал да се движи побрзо, го игнорирал барањето на полицајците да застане и се обидел да избега“.

Прохоров го отфрли тврдењето на полицијата и рече дека Кара-Мурза бил пречекан од полицајци на влезот од неговиот станбен блок и бил приведен веднаш откако излегол од автомобилот.

Како што наведува „РСЕ“, Кара-Мурза беше близок соработник на убиениот опозициски лидер Борис Немцов, а е познат по тоа што во два одвоени смртно се разболел во Москва (во 2015 и 2017 година), со симптоми на труење. Примероците од ткиво, прошверцувани од Русија од неговите роднини, биле предадени на ФБИ, која го истражувала неговиот случај како „намерно труење“. Американските владини лаборатории, спровеле обемни тестови на примероците но, според документите објавени од американското Министерство за правда, тие не биле во можност да дојдат до конечен наод.

Извор: МИА

- Реклама -