Реакција на жители кај „Треска“: Старата фабрика е темпирана еколошка бомба!

Поттикнати од состанокот на Партиципативното тело за Треска одржан вчера (7 април) во Општина Центар, на кој и самите присуствувале, група жители на опфатот „Треска“ – претставници на работничките станови, денеска јавно го изразија нивниот револт во врска со долгогодишната опструкција на изградбата на комплексот, алармирајќи дека старата фабрика е „темпирана еколошка бомба“.

„Претставниците на Партиципативното тело упорно 4 години го опструираат развојот на овој предел и револтирани сме што постојано една иста група поединци нема слух за нашата страна и нехуманите услови во кои со децении живееме.

Старата фабрика Треска е темпирана еколошка бомба и веќе години наназад претставува огромен безбедносен ризик за нас жителите кои живееме во бараките на потегот ‘Рузвелтова’ и улицата ‘Владимир Полежановски’. Целиот простор со години е дувло за бездомници и наркомани, а нашите бараки се мета на разбојништва кои, и покрај интервенциите на полицијата, продолжуваат да се случуваат практично секој ден. Постојано живееме во страв, не само за нашата материјална безбедност, туку и за безбедноста за нашиот живот, бидејќи на овој простор често доаѓа и до пожари поради крадење и палење на електричните кабли“, се вели во реакцијата.

Групата жители ги повикуваат медиумите, но пред сѐ сите оние кои сакаат да ја спречат градбата на комплексот, самите да појдат таму и да се уверат во какви услови живеат овие граѓани, и тоа во центарот на Скопје; особено, велат, во овој период на дождови кога целиот простор се поплавува, или во пресрет на летната сезона кога од маслата и машините се соочуваат со наезда од инсекти, црви од по 20 сантиметри, и змии.

„Треска е градот на духовите и претставува еколошка закана не само за нас жителите од оваа локација, туку и за целиот град Скопје. Јавно го прашуваме ова Партиципативно тело, како и организацијата ‘Шанса за Центар’, зошто противуставно се обидуваат со години да го загрозат нашето право на достоен живот, прво со незаконски мораториуми, а сега и со нелогични барања за реализација на некои конкурсни решенија кои воопшто не се во наш интерес?

Го охрабруваме градоначалникот Герасимовски конечно да го усвои планот на сопствениците на приватните парцели кај ‘Треска’, кој за разлика од моменталната ужасна состојба предвидува комплекс со ниски згради и многу зеленило и како таков, нема никакви причини зошто да не се реализира“, апелираат претставниците на работничките станови во реакцијата.

Воедно, тие опоменуваат и дека доколку дојде до било какви нови опструкции на предвидениот проект, остро ќе реагираат и ќе ги искористат сите правни механизми за да го добијат, како што велат, она што им е загарантирано, а тоа е единствено право на достоинствен живот.

- Реклама -