Симовски за непопишаните: Луѓето беа на одмор, земјоделците на нива, а имаше и бојкот

За 132.000 лица кои не беа опфатени со теренското спроведување на пописот податоците се преземени од регистрите и тие се дел од пописот, истакна директорот на ДЗС – Апостол Симовски, во гостување на „Утрински брифинг“.

Симовски наведе повеќе причини, покрај бојкотот, за тоа што овие лица не биле опфатени во текот на статистичката операција на терен.

„Тие 132.000 лица што се споменуваат се неопфатени со теренското спроведување на пописот. Никој не посакуваше да биде толкав број. Во случајов методот што го користевме поентата беше да не изоставиме никого и тоа го направивме. Причините за тие лица се неколку. Прво, спроведувавме попис во месец кога луѓето беа на одмор после пропуштено лето поради Ковидот. Втора работа, кога се активностите во земјоделство и луѓето беа по нивите и доаѓаа доцна дома. Требаше да го продолжиме пописот и до 9 часот навечер, но не можете да натерате некој да се попише тогаш. Трета работа, имавме и сокриен бојкот, како и ковид-кризата“, рече Симовски.

Тој потсети дека уште од старт ги повикувал граѓаните да не подлегнуваат на лажните податоци и да се водат по повиците за бојкот. Посочи и дека попишувачите се враќале по неколку пати во домовите за да ги најдат граѓаните кои во моментот не биле присутни.

„Немаше станови во кои живеат по 30 луѓе. Се проверуваше, се оставаше информација дека бил попишувачот и порака за контакт за понатаму. Ние не можевме да упаднеме во становите со сила“, додаде првиот човек на ДЗС.

Извор: МИА

- Реклама -