Бајден за изјавите за Путин: Тоа е мое лично мислење а не политика на САД, не се извинувам

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека нема да се извини за изјавата дека „забога, рускиот претседател Владимир Путин не смее да остане на власт“ која, како што пишува CNN, ги изненади и ги фати неподготвени американските и меѓународните официјални лица, доведувајќи ја Белата куќа во ситуација да мора „да го расчистува нередот“.

И покрај тоа, на синоќешниот новинарски брифинг Бајден изјави дека „нема да повлече ништо“ од тоа што го рекол, но подвлече дека изјавата претставувала лично мислење, а не промена во политиката на САД.

„Едноставно го изразував својот гнев. Тој не треба да остане на власт, исто како што, знаете, лошите луѓе не треба да продолжат да прават лоши нешта. Но тоа не значи дека ние имаме фундаментална политика да направиме било што да го симнеме Путин од власт, на било кој начин“, рече Бајден одговарајќи на новинарско прашање на репортерка на CNN.

Како што посочува CNN, Белата куќа веднаш се впушти во деескалација на изјавата, а тоа го направија и францускиот претседател Емануел Макрон (кој рече дека тој не би го употребил зборот „касап“), како и германскиот канцелар Олаф Шолц,

Прочитајте и:  Британија сега е директно вклучена во војната во Украина, вели рускиот амбасадор во Лондон

„Му зборував на рускиот народ. Последниот дел од говорот беше упатен кон рускиот народ, го упатив тоа не само кон руските луѓе, туку кон целиот свет. Ова е… искажување на едноставниот факт дека овој вид на однесување (на Путин) е тотално неприфатливо. Тотално неприфатливо. И патот на справување со тоа е преку зацврствување и одржување на целосна обединетост на НАТО и помош за Украина секаде каде што можеме“, рече Бајден на брифингот, потенцирајќи дека зборувал од срце по средбата со украинските бегалци во Варшава.

„Само што се вратив откако бев со тие семејства. Нема да се извинам за тоа“, категоричен беше американскиот претседател.

Бајден, исто така, ги отфрли проценките дека неговите изјави за рускиот претседател можат да го ескалираат конфликтот во Украина, или дека другите лидери би можеле да ги сметаат за проблематични и да ја ослабат НАТО алијансата.

„НАТО никогаш, никогаш, никогаш, никогаш не бил силен како што е денес“, оцени Бајден.

- Реклама -