Русија веќе не бара Украина да биде „денацифицирана“ и е подготвена да ѝ дозволи на земјата да се приклучи во ЕУ, во замена за воена неутралност, објави „Фајненшл Тајмс“, повикувајќи се на четири лица кои биле брифирани за преговорите меѓу Москва и Киев за прекин на огнот.
Како што пишува изданието, Москва и Киев дискутираат за примирје како дел од пакет кој би вклучувал Украина да ги напушти своите аспирации за членство во НАТО во замена за безбедносни гаранции и можност да се приклучи во ЕУ.
Според изворите, кои побарале да останат анонимни бидејќи ништо сѐ уште не е финализирано, нацрт документот за примирје не содржи ниту едно од трите руски основни барања – „денацификација“, „демилитаризација“ или легална заштита за рускиот јазик во Украина.
Делегациите на Русија и Украина во текот на вчерашниот ден и доцна синоќа пристигнаа во Истанбул, Турција, каде денеска се очекува да ја започнат четвртата рунда преговори за ставање крај на инвазијата. Сепак, украинското лидерство, но и дел од западните земји, се загрижени дека вистинската намера на Путин е да ги искористи преговорите како диверзија за да ги обнови истрошените воени сили и да испланира „свежа“ офанзива, посочува „Фајненшл Тајмс“, оценувајќи дека горенаведената „попустливост“ на Русија во преговорите се должи на тоа што нејзината едномесечната копнена офанзива во голема мера „заглавила“ поради силниот отпор на украинските сили (посилен од она што Русија го очекувала), како и поради оперативните недостатоци со кои се соочуваат руските сили, според изданието.
Повеќе ТУКА.