Промена на режимот во Русија не е цел на НАТО и покрај руската инвазија на Украина, изјави синоќа германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Промената на режимот во Русија не е цел на НАТО или на американскиот претседател“, рече канцеларот на Германија за германскиот јавен канал АРД, откако завчера во Варшава американскиот претседател Џо Бајден, меѓу другото, рускиот претседател Владимир Путин го нарече „касап“, а порача и дека „Забога, овој човек не смее да остане на власт“.
Шолц рече дека имал можност опширно да разговара со Бајден во Белата куќа, вклучително и за овие прашања.
„Демократијата, слободата и правото имаат иднина насекаде, и јас сметам на длабоката желба што ја имаме како луѓе да живееме во демократија. Меѓутоа, на луѓето и на нациите е да се борат за таа слобода“, рече германскиот канцелар, додавајќи „она што треба да го гарантираме е дека нема повреда на интегритетот и суверенитетот на државите“.
Претходно и францускиот претседател Емануел Макрон индиректно го критикуваше Бајден за тоа што Путин го нарече „касап“.
„Не би ги користел тие зборови“, изјави Макрон за телевизијата „Франс 3“, додавајќи дека „мора да се направи сè за да се запре ескалацијата на ситуацијата“ и дека својата задача ја гледа во тоа да помогне да се постигне прекин на огнот и потоа целосно повлекување на руските војници.
Изјавата на Бајден предизвика силни реакции и загриженост дека може да ја ескалира ситуацијата, како и гнев кај политичарите во Москва.
Белата куќа веднаш реагираше со „објаснување“ дека американскиот претседател не мислел на Русија.
„Поентата на претседателот беше дека на Путин не може да му се дозволи да има власт над соседите или во регионот. Тој не го коментираше владеењето на Путин во Русија или промената на режимот“, изјави претставник на Белата куќа за Волстрит Џурнал.
„За тоа (кој е на власт во Русија) не може да одлучува господинот Бајден. Тоа може да биде избор само на народот на Руската Федерација“, реагираше портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков, оценувајќи дека изјавите на американскиот претседател „ја намалуваат можноста за подобрување на односите меѓу Москва и Вашингтон“, но и обвинувајќи го дека нема лична морална основа за такви квалификации кон други лидери.
„На крајот на краиштата, тој е човек кој во еден момент, зборувајќи пред телевизиските камери, бараше да се бомбардира Југославија. Така е, тој бараше бомбардирање на Југославија. Тој бараше да се убијат луѓе. Чудно е да се слушаат обвинувања против Путин од Бајден“, изјави Песков за ТАСС.