Ковачевски: На чекор сме од исполнување на предизборното ветувања – просечна плата од 30.000 денари

„Владата на СДСМ е на чекор од исполнување на едно од најважните предизборни ветувања – просечна плата од 30.000 денари“, напиша денеска на Фејсбук премиерот Димитар Ковачевски.

Според Ковачевски, мерките за раст на плати и добрите економски политки овозможиле, како што вели, и во услови на двегодишна пандемија платите континуирано да растат.

„Остануваме посветени на растот на приходите и поддршка на сите граѓани“, додаде премиерот, потсетувајќи дека покрај платите растат и пензиите, дека Владата обезбедува и финансиска поддршка за ранливите категории на граѓани во услови на криза, како и дека „за мерки кои значат повеќе приходи и полесно пребродување на економските предизвици“ се одвоени преку 400 милиони евра.

Според податоците на Државниот завод за статистика, објавени денеска, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јануари годинава изнесувала 29.980 денари и е за 6 отсто повисока отколку во истиот месец лани. Просечната бруто-плата, пак, изнесувала 44.762 денари и е за 6.1 отсто повисока отколку во јануари 2021 година.

Како што посочуваат од Владата, растот од 6% претставува раст од 1.708 денари во споредба со јануари 2021 година. Тие најавуваат дека со новите методологии, континуирано ќе продолжат да растат и платите и пензиите.

„Податоците на Државниот завод за статистика го потврдуваат трендот на раст на платите кој е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата. Доколку последниот податок го споредиме со јануари 2017 година кога просечната плата била 22.750 денари, разликата е 7.230 денари. Владата продолжува, со засилена динамика, да носи мерки во интерес на граѓаните. Минималната плата е зголемена на 18.000 денари, а пензиите доживеаја историски највисок раст. Со новите методологии кои Владата ги утврди и за платите и за пензиите, тие ќе продолжат континуирано да растат“, порачаа од Владата, потсетувајќи притоа и дека, според ДЗС, во четвртото тримесечје од 2021 година невработеноста била на најниско ниво досега и изнесувала 15.2 проценти.

Прочитајте и:  Просечната нето плата во септември 41.585 денари

Инаку, според ДЗС, зголемувањето на месечната нето-плата во јануари се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 13,9 отсто, Други услужни дејности за 13,8 и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 11 отсто.

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Земјоделство, шумарство и рибарство за 8,6 отсто, Дејности на здравствена и социјална заштита за 6,6 и Други услужни дејности за 5 отсто.

Зголемувањето, пак, на бруто-платата се должи на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна за 14,2 отсто, Други услужни дејности за 14 и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 10,7 отсто.

Зголемување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Земјоделство, шумарство и рибарство за 7,6 отсто, Дејности на здравствена и социјална заштита за 6,7 и Други услужни дејности за 5 отсто.

 

- Реклама -