Караван за вакцинација против Ковид-19 стартува од понеделник во 14 локални заедници низ државата. Активноста на Министерството за здравство е со поддршка од Светската здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ.
Од МЗ порачаа дека вакцините кои се користат се сигурни и безбедни и оти здравствените домови располагаат со доволни количини. Вакцинацијата, истакнаа, останува најефикасна заштита од заболување, развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт, а колективниот имунитет е единствениот начин да се победи пандемијата.
На секое од местата опфатено со караванот граѓаните ќе имаат можност да се вакцинираат и да се информираат за придобивките од имунизацијата против Ковид-19. Исто така, на овие локации граѓаните кои се вакцинирани во странство ќе имаат можност да се евидентираат во системот „МојТермин“.
Организираниот караван за вакцинација ќе се спроведува на 21 март од 11 до 15 часот на плоштадот во Шуто Оризари, на 22 март од 12 до 16 часот на плоштадот во Кратово, на 23 март од 12 до 16 часот на плоштадот во Радовиш, на 24 март од 12 до 16 часот на плоштадот во Струмица, на 25 март од 12 до 16 часот на пазарот во струмичко Ново Село, на 26 март од 11 до 15 часот пред Ист Гејт Мол во Скопје, на 27 март од 11 до 15 часот на плоштадот во Куманово, на 28 март од 12 до 16 часот на паркингот во селото Матејче во Липково, на 29 март од 12 до 16 часот до поштата во Арачиново, на 30 март од 12 до 16 часот во ОЈУ Партизански дом во село Сандево во Чучер Сандево, на 31 март од 12 до 16 часот во дворот ОУ „Марко Цепенков“ во Зелениково, на 1 април од 12 до 16 часот во Домот на културата во село Неготино во Врапчиште, на 2 април од 11 до 15 часот во Домот на културата во Кичево и на 3 април од 11 до 15 часот кај новото шеталиште во Струга.
„Имајќи предвид дека невакцинираната популација има поголем ризик од смртен исход од Ковид-19, во споредба со вакцинираните, тоа значи дека голем дел од популацијата останува незаштитена. Одлуката за вакцинирање не треба да се одложува. Вакцинирањето е побезбеден начин за заштита на здравјето, отколку инфекцијата со вирусот, која може да доведе до смртен исход, а бустер дозите овозможуваат континуирана и максимална заштита. Покрај активностите од караванот за вакцинација, кои ќе се реализираат во следните две недели и ќе опфатат 14 локални заедници, граѓаните имаат можност секој ден да се вакцинираат и во здравствените домови во државата“, потенцираат од Министерството.
Статистичките податоци на МЗ покажуваат дека се намалува старосната граница на заразени од коронавирус кои развиваат тешка клиничка слика на болеста. Меѓу последно евидентираните хоспитализации и смртни случаи, предизвикани од компликации на Ковид-19 во земјава има сè повеќе млади лица кои се на удар и во најголем ризик во четвртиот бран на пандемијата, така што, истакнуваат од МЗ, целта со овој караван е да се приближи можноста за вакцинирање до сите категории граѓани кои досега не се вакцинирале.
Од почетокот на пандемијата, вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава достигна 302.867. Оздравени се 291.719 пациенти, а битката со вирусот ја изгубиле 9.164 лица.
Извор: МИА