„Анонимус“ ја хакираа руската федерална агенција и објавија 360.000 датотеки

Киев, 10 март 2022 (МИА) – Најпознатата хакерска група Анонимуси ја хакираше Роскомнадзор, руската федерална агенција одговорна за следење и цензура на медиумите и објави 360.000 датотеки, соопшти групата на својот налог на Твитер.

Меѓу цензурираните документи објавени од Анонимуси, од кои некои датираат од 5 март, се и оние кои покажуваат дека Москва цензурирала сè каде се споменува војната како „руска инвазија“ на Украина.

Роскомнадзор го блокираше пристапот на Русите на Фејсбук, откако руски написи беа означени како неточни. Органот, исто така, се закани дека ќе ја блокира руската Википедија поради вклучувањето на напис за „руската инвазија“, објави „Џерусалим пост“.

Анонимуси пред неколку дена хакираа неколку руски медиуми, прекинувајќи ја нивната содржина и оставија порака дека „нормалните Руси не ја поддржуваат војната“.

„Почитувани граѓани. Ве повикуваме да престанете со ова лудило, не ги праќајте вашите синови и сопрузи во сигурна смрт. Путин нè тера да лажеме и нè загрозува“, се вели во соопштението на руски јазик. „Изолирани сме од остатокот од светот, повеќе не се тргува со нафта и гас. За неколку години ќе живееме како во Северна Кореја“, се вели во соопштението.

Прочитајте и:  „Фигаро“ ја повлече веста дека Франција и Велика Британија и дозволиле на Украина да нападне длабоко на територијата на Русија

Анонимуси водат кибер војна против Русија од 24 февруари, кога започна инвазијата. Групата е заслужна за хакирање на голем број веб-страници на руската влада. Тие, исто така, отворија веб-страница на која корисниците можат да испраќаат мејлови до случајни Руси чии електронски адреси се зачувани во базата на податоци и ги охрабрија корисниците да ја „шират вистината за војната во Украина“.

Анонимуси, кои се појавија на почетокот на 2000-тите, и во минатото се залагаа за слобода на говор и приватност.

- Реклама -