Шолц: Берлин сигурно нема да испрати воени авиони во Украина

Фото: Од официјалниот Фејсбук профил на САД/НАТО воздушната база Рамштајн во Германија

Германија сигурно нема да испрати воени авиони во Украина, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц, откако САД ја одбија понудата на Полска да ги префрли своите МиГ-29 авиони во американската база Рамштајн во Германија, па оттаму САД/НАТО да ѝ ги проследат на Украина, со образложение дека логиката на таквиот предлог „не држи вода“.

„Обезбедивме секаков вид одбранбен материјал и го испративме оружјето за кое ви кажавме, но, исто така е точно дека мораме многу внимателно да размислиме што правиме, а воените авиони дефинитивно не се дел од тоа“, изјави Шолц на прес конференција со канадскиот премиер Џастин Трудо.

Портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков, денеска ја оцени понудата на Полска како „крајно непожелно и потенцијално опасно сценарио“.

И покрај таквото предупредување, полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска ја потврди подготвеноста на Варшава да ги стави своите авиони од руско производство „на располагање на САД“, потенцирајќи дека самата одлука за давање авиони на Украина е „многу сериозна одлука што може да влијае врз пошироката безбедност“ и затоа, како што рече, треба да ја донесат САД и сите земји-членки на НАТО. Тој повтори дека Полска не учествува и не е дел од војната.

Прочитајте и:  Кулеба: Војната во Украина нема брзо да заврши

Песков, пак, во однос на санкциите кон Русија, оцени дека САД ѝ објавиле и де факто тие се оние кои ја водат економската војна против Русија.

Од друга страна, Пентагон денеска соопшти дека САД распоредиле два нови противвоздушни системи „Патриот“ во Полска, во согласност со посветеноста за бранење на територијата на НАТО.

Ракетните системи, вообичаено стационирани во Германија, биле преместени „по барање на полските власти“, рекол високиот функционер од Пентагон, кој побарал да не биде именуван, објави АФП. Според него, истите веќе се во функција.

Како што истакнал изворот, се работи за „чисто одбранбено распоредување од превентивна природа, со цел да се одговори на секоја можна закана против НАТО сојузниците“

Ракетните системи „Патриот“ можат да пресретнат и уништат балистички ракети, авиони и крстаречки ракети. Истите широко се користат на Блискиот Исток.

Генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг, пак, денеска ја предупреди Русија дека секој напад на каналите за снабдување на Украина со оружје и муниција на територија на НАТО ќе претставува „сериозна ескалација на војната во Европа“.

- Реклама -