Штајнмаер: Се подготвуваме за долга војна во Украина

Вилнус, 3 март 2022 (МИА) Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска изјави дека се подготвува за „долга“ војна во Украина, откако руската офанзива влезе во втората недела.

Во својот говор во Литванија, каде што ги посети германските војници стационирани во балтичката земја која е членка на НАТО, Штајнмаер истакна дека не гледа „никакви знаци дека војната наскоро ќе заврши“.

„Веројатно ќе биде долга и ние ќе бидеме трпеливи“, нагласи тој пред новинарите, заедно со неговиот литвански колега во воената база Рукла.

Нарекувајќи ја војната „кршење на меѓународното право“, шефот на германската држава рече дека „никој во текот на историјата нема да може да го оправда она што во моментот се случува во Украина“.

Прочитајте и:  Путин со обраќање до нацијата: Конфликтот доби глобален карактер

„Дека родителите ги губат своите деца, дека нивните деца ги губат своите родители, дека луѓето губат сè“, истакна Штајнмаер.

Германија ја предводи мултинационалната борбена група на НАТО во Литванија и неодамна го зголеми бројот на своите војници во таа земја.

- Реклама -