„Најлошото допрва доаѓа во Украина“, оцени францускиот претседател Емануел Макрон по денешниот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, кој ја изрази „својата голема одлучност“ да продолжи со офанзивата со цел „да ја преземе контролата“ во целата земја, соопшти Елисејската палата.
По едночасовниот телефонски разговор на барање на Путин, рускиот претседател му рекол на својот француски колега дека операцијата на руската армија се развива „според планот“ и дека ќе се „влоши“ доколку Украинците не ги прифатат неговите услови, соопшти француското претседателство.
„Очекувањата на претседателот (Макрон) се дека најлошото допрва доаѓа, со оглед на тоа што му го кажа претседателот Путин“, се додава во соопштението.
Кремљ денеска, по разговорите на двајцата претседатели, соопшти дека Путин му порачал на Макрон дека Русија има намера да ја продолжи бескомпромисната борба во Украина.
Како што наведе Кремљ, Путин му дал на Макрон „аргументирани објаснувања за улогата на неонацистите во државната политика на Киев“ и повторил дека условите на Русија во преговорите се демилитаризација на Украина и нејзиниот неутрален статус, за да нема опасност за Русија од нејзина територија.
Путин ја даде иницијативата за тој разговор, трет меѓу двајцата функционери од почетокот на инвазијата на 24 февруари, за да го „информира“ Макрон за „ситуацијата и намерите во рамки на отворениот дијалог“ меѓу двајцата, соопшти француското претседателство.
На обвинувањата на Путин упатени кон Украинците, Макрон одговорил дека прави голема грешка против украинскиот режим, „кој не е нацистички“.
„Ти зборуваш сешто, бараш изговори“, возвратил Путин и го повикал својот француски колега „да не се лажат“, се наведува во соопштението на Елисејската палата.
„Тој разговор овозможи да се разгледаат несогласувањата, да му се каже вистината на претседателот Путин, но, исто така, за жал, да се констатира неговата решеност да ја продолжи воената операција до крај“, се вели во соопштението.
„Украинците храбро се борат. Ништо не е готово, но односот на силите е неурамнотежен“, се додава во соопштението, истакнувајќи го „песимизмот“ на Макрон по тој разговор.
Француското претседателство додаде дека ќе ги зајакне санкциите против Русија, оценувајќи дека се работи за многу моќна алатка, што може да се види со падот на вредноста на рубљата.
Париз, исто така, ја оцени како „многу значајна“ одлуката на Кина да се воздржи во ОН кога резолуцијата со која се повикува на итен прекин на употребата на сила против Украина беше изгласана со огромно мнозинство.
„Ние сме заинтересирани за фактот дека Кина го предложи своето посредување и сме во контакт со властите во Пекинг“, соопшти Елисејската палата.
„Деновите што доаѓаат веројатно ќе бидат уште потешки“, изјави Макрон уште вчера, пред разговорот со Путин, во почетокот на своето обраќање до француската нација, во кое, меѓу другото, ја пофали „честа и храброста“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Во ова невидено искушение, ние стоиме со Украина“, категоричен беше Макрон.
Тој потенцираше дека ниту Франција, ниту Европа, ниту НАТО не ја сакале оваа војна, и дека Путин, самостојно и намерно, откажувајќи се од обрските преземени пред заедницата на нациите, избрал војна. Макрон притоа акцентираше дека војната во Украина не е конфликт меѓу НАТО/Западот и Русија, бидејќи, како што рече, во Украина нема бази и трупи на НАТО и Русија не беше нападната.
Макрон остро ги критикуваше и тврдењата на Путин дека украинската влада е „нацистичка“.
Извор: МИА