Руското Министерство за одбрана тврди дека руските вооружени сили не вршат никакви ракетни, воздушни или артилериски напади врз украинските градови и цивилното население во Украина, откако во повеќе градови во земјата Украинците се разбудија со низа силни експлозии и аларм за тревога.
Како што велат од руското министерство, нападите ги извршиле со „високопрецизно оружје“, а цел биле воената инфраструктура, објектите за противвоздушна одбрана, воените аеродроми и авијацијата на вооружените сили на Украина, пренесе РИА.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно утрово имаше видео обраќање во кое соопшти дека донел одлука за „специјална воена операција во Донбас“. На Украинците им порача дека руските планови не вклучуваат окупација на Украина, но, како што рече, Москва ќе инсистира на нејзина демилитаризација.
По првите експлозии, министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, на Твитер објави дека Русија лансирала целокупна инвазија на Украина и дека мирољубивите украински градови се под напади.
„Ова е војна на агресија. Украина ќе се брани и ќе победи. Светот може и мора да го запре Путин. Времето да се дејствува е сега“, напиша Кулеба на Твитер.
Putin has just launched a full-scale invasion of Ukraine. Peaceful Ukrainian cities are under strikes. This is a war of aggression. Ukraine will defend itself and will win. The world can and must stop Putin. The time to act is now.
— Dmytro Kuleba (@DmytroKuleba) February 24, 2022