Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Приштина, Џефри Ховениер, во неговата честитка по повод Денот на независноста на Косово, ги оцени како „чудесни“ достигнувањата на државата во овие 14 години постоење како независна држава, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во честитката упатена до сите косовски граѓани, Ховениер изрази признание за достигнувањата на државата во демократијата, економијата и „лидерството кое го пренесува отаде своите граници“.
„Достигнувањата на Косово во овие 14 години се ништо помалку одошто чудесни – жива демократија, способна економија и лидерство кое го пренесува отаде своите граници“, напиша Ховениер.
Тој вели дека „САД се горди што можат да го наречат Косово како свој партнер и пријател“ и порача дека „цврстото партнерство меѓу Косово и САД само ќе продолжи да расте во годините кои следат“.
Американскиот дипломатски претставник во Приштина во честитката се осврна и на процесот на преговори со Србија, при што нагласува дека Вашингтон очекува договор „без да се наштети на суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово и без да се прекрши неговиот Устав“.
„Сакаме да го видиме Косово целосно ангажирано во регионот и интегрирано во европските и евроатлантските институции. Тоа значи постигнување сеопфатен договор со Србија кој ќе подразбира меѓусебно признавање без да се наштети на суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово и без да се прекрши неговиот Устав“, се вели во честитката на амбасадорот Ховениер.
Честитка до косовските граѓани стигна и од државниот секретар на САД – Ентони Блинкен. Како што се вели во соопштението, САД ја поддржуват земјата во изградба на подобра иднина, а „трајното партнерство меѓу САД и Косово е базирано на споделените демократски вредности“.
„Како една од најмладите демократии во светот, Косово и неговите граѓани се во право кога се гордеат за прогресот постигнат во изминатите 14 години“, изјави Блинкен.
„Се надеваме земјата да заземе правично место покрај своите соседи во европските и евроатлантските институции, и ја истакнуваме нашата поддршка за дијалогото модериран од ЕУ како начин да се постигне договор за нормализирање на односите (со Србија) насочен кон заемно признавање“, се вели во соопштението.
Косово денеска ја одбележува 14-тата годишнина од прогласувањето на својата независност на 17 февруари 2008 година. Најмладата европска држава досега ја имаат признаено повеќе од 100 држави во светот, додека осум месеци по прогласувањето на независноста, во октомври 2008, тоа го стори и тогашната македонска Влада.
Извор: МИА