Северна Македонија очекува да види вистинска деескалација на терен од страна на Русија

Северна Македонија го дели ставот дека Русија треба да покаже вистинско придвижување кон деескалација, порача министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска од Брисел, каде учествува на министерскиот состанок за одбрана на НАТО, јави дописничката на МИА.

Русија вчера најави повлекување на дел од своите трупи околу Украина, за што сведочат и снимки, меѓутоа за земјите членки на НАТО овие најави не се доволни, порача утрово генералниот секретар на алијансата, Јенс Столтенберг.

„Ако навистина почнат да се повлекуваат ние тоа ќе го поздравиме. Останува да се види, тие секогаш ги движат силите назад и напред, но тоа не е потврда за вистинско повлекување, горе-долу, напред-назад. Трендот во последните недели и месеци е зголемување на руските капацитети близу украинската граница и Русија ја задржува способноста за целосна инвазија без предупредување“, изјави Столтенберг пред почетокот на состанокот на 30-те министри за одбрана на НАТО.

Петровска потврди дека и земјава го дели ставот и не гледа вистинско повлекување.

„Политичките изјави се само чекор од таа деескалација, но знаете како, за да бидеме убедени во деескалацијата треба да видиме придвижување и на теренот. Тоа е тоа што го очекуваме и се надеваме дека во претстојниот период ќе го видиме“, изјави Петровска за МИА.

„Даваме до последно шанса на дијалогот, на дипломатското решение. како Алијанса и како министри имаме обврска да го штитиме територијалниот интегритет и безбедноста на сите земји членки на Алијансата. Од она што очекувам и сум убедена дека од овој состанок ќе произлезе е да го потврдиме единството на сите земји членки и да ги донесеме одлуките во таа насока“, додаде министерката за одбрана во контекст на интензивните дипломатски активности на земјите членки на НАТО за решавање на украинската криза по дипломатски пат, вклучително и низата предлози што алијансата ги испрати до Русија кон крајот на март, но со порака дека не го прифаќа руското барање за целосно исклучување на членството на Украина во НАТО.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

Вчера и германскиот канцелар Олаф Шолц стави до знаење дека членството на Украина во НАТО не е маса во догледен период, а Столтенберг повтори дека одлуката за членство во НАТО им припаѓа единствено на земјите членки и земјите кандидати, а не и на Русија:

„На 30-те сојузници е да одлучат, не одлучува Русија кој е земја членка на НАТО. Тоа јасно го кажавме, треба да се почитува правото на секоја нација да го одбере својот пат, дали сакаат или не, но НАТО не може да потпише правно обврзувачки договор со Русија кој ќе гласи дека нема да има натамошно проширување на НАТО“, рече Столтенберг.

Во меѓувреме се вложуваат максимални напори за изнаоѓање дипломатско решение, а најавите од Москва влеваат „умерен оптимизам“, додаде генералниот секретар на алијансата, дополнувајќи дека, сепак, истовремено НАТО се подготвува и за најлошото истовремено.

„Подготвени сме да седнеме, но истовремено се подготвуваме и за најлошото. Ако има руска инвазија на Украина, ќе платат висока цена“, рече генералниот секретар.

Во однос на безбедноста на земјава, министерката за одбрана Петровска порача дека ситуацијата е под контрола и стабилна:

„Во овој момент не постојат реални закани за безбедноста на нашата држава. Таа е стабилна, институциите, се разбира секоја во својата надлежност, се подготвени и работат на тоа“, изјави министерката за одбрана.

Извор: МИА

- Реклама -