Левица: Во догледно време Бугарија може да побара и да го признаеме нашето малцинство во Албанија како бугарско

Негирањето на македонското малцинство во Бугарија и барањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав како „конститутивен“ народ, од страна на источниот сосед, е само отворање на пандорината кутија по ова прашање, велат од партијата Левица, од каде алармираат дека Бугарија интензивно работи на асимилација на македонското малцинство во Албанија, како бугарско.

„Идентично како од крајот на XIX и почетокот на XX век, Бугарија повторно го користи јазикот како најмоќно оружје за асимилација на Македонците! Овој пат во Албанија. Имено, бугарската фондација ‘Македонија’ и нивниот координатор за Албанија, Арнолд Мурати, најавија отпочнување на курс по бугарски книжевен јазик и литература за ‘бугарското малцинство’ во Албанија. Ваквата политика наведува на тоа дека Бугарија се обидува и македонскиот етникум во Албанија да го претстави како свој, а токму преку оваа програма прави обид да вклучи колку може повеќе Македонци и истите да ги претстави како свое малцинство“, посочуваат од Левица.

Според нив, ова значи дека постои реална опасност во догледно време Бугарија од Македонија да побара сопственото малцинство во Албанија да го признае како бугарско, а тоа барање да стане преговарачката маса и истото да биде уште искористено како уште една причина за вето.

„Покрај нужноста од заштита на македонското малцинство во Бугарија, државата итно мора да преземе конкретни мерки и за заштита на македонското малцинство во Албанија! Политика на агресивна асимилација повеќе не смее да се толерира, а решавање на овој проблем не смее да биде предоцна“, повика партијата.

- Реклама -