Извршени кибер напади врз веб-страниците на украинското Министерство за одбрана, на армијата и две банки

Киев, 15 февруари 2022 (МИА) – Украинскиот центар за кибер безбедност соопшти дека веб-страниците на украинското Министерство за одбрана, на украинската армија и на банките „Приватбанк“ и „Ошадбанк“ биле мета на кибер напад.

Украинскиот центар за кибер безбедност соопшти дека Русија е најверојатно виновна за нападот. Претходно не беше соопштено за извршен хакерски напад врз сајтот на армијата.

Двете банки се најголеми финансиски институции во Украина.

Украинските власти соопштија дека е извршен т.н. „DDoS“ (Distributet Denial-of-Service) напад.

– „Приватбанк“ беше мета на масовен DDoS напад. Проблеми има и со вчитување на веб-страницата на „Ошадбанк“. Беа нападнати дури и веб-страниците на Министерството за одбрана и на вооружените сили, се наведува во соопштението на Украинскиот центар за кибер безбедност објавено на Фејсбук.

Центарот појасни дека цел на нападот врз „Приватбанк“ била апликацијата за интернет банкарство „Приват24“ и нејзините услуги се недостапни за потрошувачите. Банката соопшти дека нема опасност за парите на штедачите.

Во пораката на почетната страница на веб-страницата на украинското Министерство за одбрана се вели дека има техничкки проблеми.

Прочитајте и:  Претседателот на Финска: Доналд Трамп треба да биде сфатен сериозно за планот за завршување на војната во Украина

Тројца западни разузнавачки извори вчера во изјава за западни медиуми тврдеа дека „платеници поврзани со руски разузнавачки структури“ наводно го зголемиле своето присуство во Украина, поради што расте стравот кај некои членки на НАТО дека Русија би можела да бара изговор за инвазија на Украина, објави на својот сајт Телеграф, пренесувајќи извештај на новинската агенција Ројтерс.

Повикувајќи се на неименувани извори, британската агенција пренесува дека се зголемува стравувањето оти руската инвазија ќе следи по војна со информации и „кибер напади врз клучни инфраструктурни системи“, како што се електричната и гасната мрежа.

Изворите предупредуваат на наводни дејствија на руски платеници кои би можеле да ја „парализираат Украина со извршување целни егзекуции и користење на специјализирано оружје“.

Русија ги зајакна своите воени сили распоредени на границата со Украина во текот на викендот, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, и покрај најавата на Москва дека завршува некои од воените вежби.

- Реклама -