За НАТО, повлекувањето на руските трупи не претставува деескалација

Брисел, 15 јануари 2022 (МИА) – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, попладнево изјави дека НАТО очекува посилен знак на деескалација од најавата за повлекување на војниците во и околу Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Шефот на Северноатлантската алијанса попладневно на прес–конференција пред почетокот на дводневниот Министерски совет за одбрана, кој се одржува утре и задутре во Брисел, оцени дека оваа најава за повлекување не преставува вистинска деескалација.

„Не гледаме деескалација на терен, нема намалено воено присуство на границата, ние ќе продолжиме да набљудуваме од блиску што прави Русија, имаме знаци дека има волја во Москва за ангажман во дипломатски напори и тоа ни дава причина за внимателен оптимизам“, рече Столтенберг денеска пред новинарите.

Според него, повлекувањето на трупите што го најави Русија утрово, не соодветствува со реалноста и военото засилување на терен продолжува со борбени групи, артилерија, и други елементи на поддршка кои ѝ овозможуваат на Русија во секое време и без предупредување брзо да се врати во Украина и да организира напад.

За НАТО е, исто така, проблем што Москва не ја повлекува воената опрема.

„Повлекувањето на опремата бара повеќе време од повлекувањето на трупите, тие влегуваат со тешка опрема и трупите можат брзо да се вратат назад, она што треба да го видиме е значајно и трајно повлекување на воените сили и на тешката опрема. Она што го гледаме од минатата пролет е растечки тренд кој ќе има последици врз безбедносната состојба во Европа“, додаде генералниот секретар на НАТО.

Алијансата, сепак, ги поздрави знаците на добра волја за разговори од страна на Русија и изрази надеж дека Москва ќе одговори на серијата предлози испратени од страна на НАТО до Москва на крајот на јануари кои би се разговарале во рамките на Советот НАТО-Русија. За сега нема одговор од Москва.

Прочитајте и:  „Дејли мејл“: Севернокорејските војници во Русија прв пат со пристап до Интернет, го користат за... порно

Паралелно, лидерите на големите земји сојузнички на НАТО во последниот период остваруваат редовни контакти со рускиот претседател, Владимир Путин, од телефонски разговори со Џо Бајден до средби со францускиот претседател, Емануел Макрон и германскиот канцелар, Олаф Шолц.

Во срцето на судирот помеѓу Русија и Западот се анексијата на Крим и војната со Украина, но и аспирациите на Киев да стане земја членка на НАТО, на што силно се противи Русија, заедно со Кина.

Столтенберг денеска повтори дека политиката на отворени врати, односно на проширување, на НАТО не се менува и дека декларацијата од Букурешт во 2008 која ја отвори вратата за потенцијално зачленување на Украина и Грузија во Алијансата и натаму важи.

„НАТО ги почитува суверените одлуки на земјите, како што почитуваме дека Шведска и Финска не аплицираа за членство во НАТО, така почитуваме што Украина сака да аплицира, но тоа Русија и Кина не го почитуваат“, рече генералниот секретар, изразувајќи увереност дека утре 30-те земји членки на Алијансата ќе ја повторат нивната политичка поддршка за партнерството со Украина и за нејзиниот територијален интегритет и суверенитет. Украинскиот и грузискиот министер за одбрана ќе им се придружат на една сесија на НАТО министрите.

Состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО се одржува утре и задутре. Министрите најголем дел од дискусиите ќе го посветат на безбедносната криза со Русија, како и иднината на стратешкиот концепт на НАТО.

- Реклама -