Мицкоски: Не сум оптимист за решение сѐ додека Софија инсистира дека сме биле Бугари до 1945-та

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, вели дека не е оптимист за решение со Софија сѐ додека бугарската страна инсистира дека сме биле Бугари до 1945 година, односно дека имаме заедничка историја од среден век до 1945 година и се додека преговарат луѓе кои, вели, не знаат да преговараат.

„Сакам да бидам оптимист. Цело време сме оптимисти дека ќе има достоен договор, дека ќе биде договорот не едностран, туку ќе биде навистина пропорционален. Но, за жал, досега тоа не се случило иако нѐ убедуваа порано дека ги решиле сите проблеми со соседите. Гледаме дека не се решени проблемите со соседите, сосема спротивно. Отворен сум како и секогаш. Не е суштината трипати да преговараме за ова, еднашка за историјата. Суштината е: изминатите месеци и години кога добивавме вето добивавме поради една едноставна причина, а тоа е дека ние не можеме да прифатиме дека сме биле Бугари до 1945 година, односно од среден век до 1945 година дека имаме заедничка историја и дека сме биле Бугари. Малку парадоксално сето тоа звучи. Од прилика на тоа се сведува. Колку и да се обидуваат да ни кажуваат четири пати вака, трипати вака“, вели Мицкоски на новинарско прашање дали е оптимист и што очекува од работата на комисиите кои се формирани за продлабочување на соработката со Бугарија.

Тој додава дека него повеќе го загрижува што, вели, континуирано се тргува со нашите преговарачки позиции и начинот на кој се водат преговорите.

„Континуирано се лицитира со нешто со што не треба да се лицитира. Така не се водат преговори. Но, ги разбирам, преговараат луѓе коишто во животот не преговарале. Преговараат луѓе коишто во животот само знаеле што значи да наведнат глава и по принципот на полжавот да стигнат до врвот. Не знаат што значи навистински да се испреговара и да се успее во тие преговори. Тоа е суштината. Од наша страна имаме таков вид на преговарачи по принципот на онаа приказна со полжавот. И заради тоа жалам што ова ќе го констатирам. Треба јавноста, македонскиот народ будно да го следи овој процес, затоа што вака како што тргнале работите мислам дека не ни се пишува на добро. Среќа што немаат две третини во Парламентот па не ќе можат некои одлуки да ги спроведат и среќа што нема повеќе такви коишто ги изнесуваат па ги вадат од затвор за да може да ги уценат“, вели Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: На реториката на ДУИ не треба да ѝ се дава значење, како стигнуваме до криминалот ќе станува уште пожестока

Според него, како различен народ, како Македонци и како Бугари, може да се каже дека имаме заедничка историја.

„Исто како што сме имале заеднички истории и со Хрватите и со Словенците, но како различен народ во иста држава која што тогаш функционирала на ниво на федерација. Тоа кога ќе го признаат, тогаш можеме да седнеме и да разговараме – како различен народ“, кажува Мицкоски.

Во однос на евентуална лидерска средба со премиерот Димитар Ковачевски, тој потврди дека ќе оди на средба каде што треба да разговараат за актуелните прашања.

„Одговорно е да разговараат, преку Ковачевски, Зоран Заев и претседателот на најголемата партија во Македонија. Одговорно за иднината на државата“, вели Мицкоски.

МИА

- Реклама -