Вкупно 250 илјади дози вакцина против Ковид-19 од производителот „Фајзер“ пристигнаа денеска во земјава, како прв дел од донацијата од Италија што се реализира преку механизмот Ковакс и УНИЦЕФ. Во среда се очекува да пристигне и втората пратка.
Министерот за здравство Беким Сали се заблагодари за донацијата на италијанската влада и им порача на граѓаните дека Министерството за здравство во континуитет се грижи да имаме доволен број на вакцини.
„Министерството за здравство во континуитет се грижи за да имаме доволен број на вакцини. Вакцините се сигурни, безбедни и на сигурно место во Институт за трансфузиологија. Се знае, преносот на вакцините се прави со ладен ланец до сите пет точки коишто ни се битни во државата и оттаму секако апликацијата оди преку одредени адреси, односно точки за вакцинација“, рече Сали по примопредавањето на донацијата пред Институтот за трансфузилогија.
Тој изрази надеж дека граѓаните ќе ја прифатат акцијата на Министерството за здравство за примање на прва, втора, но и трета доза, бидејќи, како што рече, единствениот начин за заштита против Ковид-19 во моментов е вакцинацијата.
Амбасадорот на Италија во земјава – Андреа Силвестри, посочи дека ова е најголемата донација што земјава ја добила од една држава.
„Оваа акција е дел од нашите стремежи и заложби да им помогнеме на пријателските земји да се справат со пандемијата, но во конкретниот случај се работеше за посебно внимание кое ние го имаме кон Северна Македонија. И оваа акција се придружува на сето она што ЕУ го прави за Северна Македонија, и чија што земја членка сме и ние, Италија“, изјави тој по примопредавањето на донацијата, приклучувајќи се на апелот на Сали за вакцинација:
„Како што знаете, Италија беше земјата која најмногу од сите, прва од сите, беше погодена со оваа пандемија и ја спроведе вакцинацијата. И благодарение на оваа масовна кампања за вакцинација која ја спроведовме, успеавме да се справиме со пандемијата. Во моментов, ние успеавме да вакцинираме околу, според соодветните возрасни категории, 85 до 95 проценти од населението“, рече Силвестри.
На апелите на министерот за здравство и амбасадорот на Италија, се приклучи и Артур Ајвазов од канцеларијата на УНИЦЕФ, потенцирајќи дека вакцините се безбедни.
Извор: МИА