Џафери до Кацарска: Поради опструкции, во моментов Собранието не може да избере уставни судии

Претседателот на Собранието да го заложи својот авторитет и во Собранието да се изберат нови четворица уставни судии во најскоро време, побара претседателката на Уставниот суд – Добрила Кацарска, денеска во писмо до собранискиот спикер Талат Џафери, во кое изразува загриженост за состојбата со намалениот број на судии.

„Уставот ја дефинира Република Северна Македонија како парламентарна демократија во којашто поделбата на државната власт е темелен принцип, а Уставниот суд како орган на Републиката ја штити уставноста, законитоста и човековите слободи и права.

Од тие причини, Ви се обраќам да Ве информирам за ситуацијата во која се наоѓа Уставниот суд и неговото отежнато функционирање во последниот период со само петмина судии, иако Уставот предвидува полниот состав на Судот да биде со девет судии. Ова има влијание при одлучувањето, кога често се случува предлогот да не го добие потребното мнозинство, поради што во моментот за 16 предмети не може да се донесе одлука поради недоволно мнозинство. Покрај ова, морам да напоменам дека пред Судот треба да се разгледуваат предмети кои се од врвен интерес за државата, а за кои е потребно да се одлучува во полн состав, со што одлуките би имале поголема тежина“, вели Кацарска во писмото.

Претседателката на Уставниот суд воедно изрази и уверување дека веќе се бара решение и дека Џафери и пратениците максимално ќе се вложат за процесот на предлагање и избор на судии да се заврши што поскоро, со што, како што потенцира Кацарска, би се зачувала функционалноста на Уставниот суд.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

Претседателот на Собранието, меѓутоа, попладнево одговори дека во моментов Собранието не може да избере уставни судии.

„Се опструира работата на Комисијата за избори и именувања и во моментов Собранието не може да избере уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд“, одговори Џафери, информирајќи дека го добил писмото.

„Собранието, согласно своите уставни надлежности е информирано за истекот на мандатот на уставните судии, односно Собранието, по предлог на Комисијата за избори и именувања избира уставни судии од редот на истакнати правници во Република Северна Македонија. Имајќи предвид дека се опструира работата на Комисијата за избори и именувања (преку изигрување на процедура и примена на методи кои што Претседателот на Собранието ги има елаборирано пред јавноста), предлозите на членовите на Комисијата не може да добијат зелено светло за истите да бидат разгледани на пленарна седница на Собранието и во моментов Собранието не може да избере уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд“, се вели во соопштението од Кабинетот на Џафери.

Извор: МИА

- Реклама -