Мицкоски на средба со рускиот амбасадор: Го почитуваме територијалниот интегритет на сите независни држави

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија – Сергеј Баздникин.

Како што информираат од партијата, на средбата се разговарало за актуелната општествено политичка и економска состојба, како и за меѓународните предизвици со кои се соочува регионот и светот.

Мицкоски посочил дека Македонија бележи политички и економски застој во поглед на стратешките цели – членство во Европската Унија, при што, како што истакнал, покрај спорот со Бугарија, сериозна препрека претставува и отсуството на реформи на Владата.

Мицкоски посочил и дека состојбата со корупцијата и селективната правда кои, како што рекол, се широко распространети, ја вбројува државата меѓу најкорумпираните во Европа и на дното на скалата на Транспаренси која го мери индексот на корупција.

Прочитајте и:  Мицкоски: Осумнаесет милиони евра за реконструкција на студентските домови

На средбата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оценил и дека сепак можеби најголемиот предизвик во овој момент е заштитата на економскиот стандард на граѓаните, спречување на инфлацијата и растечката сиромаштија.

„Секој ден народот се буди со нови цени и сѐ пониски плати, додека владата нема слух за тоа што се реалните потреби на народот“, истакнал Мицкоски, додавајќи дека сериозен предизвик е и скапата струја и енергенси.

На средбата, како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, станало збор и за меѓународните предизвици во регионален и поширок контекст, при што Мицкоски посочил дека е за почитување на територијалниот интегритет на сите независни држави и дипломатско надминување на сите различни ставови во поглед на актуелните прашања.

- Реклама -