На скопскиот аеродром запленета хемиска материја за производство на амфетамин вредна над 50 милиони евра (ФОТО/ВИДЕО)

Скопје, 3 февруари 2022 (МИА) – Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Единица за недозволена трговија со дрога во соработка и координација со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Јавното обвинителство на Турција, Царинските служби на Турција и Северна Македонија, како и СЕЛЕК (Центарот за спроведување на законите во Југоисточна Европа), денеска реализираа меѓународна полициска акција во која на скопскиот аеродром се запленети над еден тон прекурзор за добивање на амфетамински тип стимуланси, класифициран во прва категорија на националната листа на прекурзори, соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Прекурзорот бил набавен од страна на македонски државјани од лица од Кина, кои преку Турција пристигнал во Северна Македонија, со крајна дестинација во земји на Европската унија, со цел понатамошно производство на синтетичка дрога амфетамин и метамфетамин“, соопшти Спасовски.

Првичната проценка според надлежните е дека од набавената количина на прекурзорот требало да биде произведен амфетамин со вредност од над 50 милиони евра. Во акцијата се лишени од слобода две лица како дел од меѓународна организирана криминална група, а се преземаат мерки и активности и за приведувања на други лица.

„Оваа акција уште еднаш ја демонстрира посветеноста на Министерството за внатрешни работи за сузбивање на нелегалната трговија со дрога, каде бележиме одлични резултати, а со ист интензитет на посветеност продолжуваме и во наредниот период“, рече Спасовски.

Од Јавно обвинителство појаснија дека во спроведената акција се запленети 40 пакувања хемиска материја во вкупна тежина од 1105 килограми.

Оттаму информираат дека во текот на денешниот ден приведените лица ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје и за истите е предложено изрекување на мерка притвор.

„Според лабораториските резултати добиени од примерок од пратката, станува збор за супстанца – прекурзор „1 Phenyl – 2 Propanone“ што според член 3 од Законот за прекурзори спаѓа во прва категорија согласно ратификуваните меѓународни договори и меѓународните нормативи и стандарди, истата е на листата за прекузори објавена од Министерството за здравство на која се наоѓаат сите недозволени хемиски материи што се надвор од легитимниот промет“, велат од ЈО.

„Оваа хемиска материја позната уште и како Phenylacetone и Benzyl Methyl Ketone BMK (P2P) претставува прв прекурзор за добивање на амфетамински тип на стимуланс и се користи за илегално изработување на амфетамин, метамфетамин и МДМА – таблети екстази. Според првични проценки со запленетата количина на прекурсорот би се произвел амфетамин во вредност од над 50 милиони евра“, соопштија од обвинителство.

- Реклама -