Приведен испраќачот на заканувачките писма до Јовески, Рускоска и една странска амбасада

Приведен е испраќачот на заканувачките писма до државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, до обвинителката Вилма Рускоска и до една странска амбасада во Скопје. Како што соопшти МВР, станува збор за С.З. (56) од Битола и против него до Основното јавно обвинителство Прилеп е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“.

„На 11 декември 2021 година, пријавениот С.З., преку редовна пошта од АД Пошта на Северна Македонија-подружница ЦРПС Прилеп, испратил едно писмо со заканувачка содржина до една амбасада во Скопје, додека на 20 и 22 декември 2021 година С.З. преку редовна пошта од АД Пошта на Северна Македонија-подружница ЦРПС Прилеп, испратил писма со сериозни закани по животот на Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК Вилма Рускоска“, информираа денеска од МВР.

Исто така, на 17 јануари 2022 година, преку редовна пошта од АД Пошта на Северна Македонија-подружница ЦРПС Битола, пријавениот испратил писмо со сериозни закани по животот на Љубомир Јовески – Јавен обвинител на Република Северна Македонија.

Како испраќач на сите писма пријавениот навел лица со навистинити генералии.

Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и СВР Битола, во соработка со Агенцијата за национална безбедност веднаш по добиените пријави преземале мерки и активности за расчистување на случајот.

Врз основа на издадени наредби за претрес во дом и други простории од ОС Битола, на 21.01.2022 извршени се претреси во домот на С.З. и во домот на неговата мајка Љ.З. во Битола, при што се пронајдени и одземени мобилен телефон, лап-топ компјутер и предмети поврзани со кривичното дело.

„С.З. е лишен од слобода и во ПС ОН Битола е извршен разговор со него, а по извршено графолошко вештачење од страна на ОКТИВ утврдено е совпаѓање на обезбедениот рачен ракопис од С.З. и рачниот ракопис во напишаните заканувачки писма. С.З. е приведен и со кривичната пријава ќе биде предаден на надлежното обвинителство“, се наведува во соопштението од МВР.

МИА

- Реклама -