Фатмир Лимани, внук на Али Ахмети, се приклучи кон Движењето Беса

Поранешниот заменик-директор на ЕСМ – Фатмир Лимани, денеска се приклучи кон партијата Беса заедно со својата политичка структура.

Биљал Касами, претседател на Движењето Беса, на денешната прес-конференција на која го официјализираше приклучувањето на Фатмир Лимани, истакна дека партијата отвора голема врата за сите оние кои сакаат да направат промена.

„За нас е чест и почит еден национален деец како Фатмир Лимани да стане дел од Движењето Беса. Движењето Беса е во историски момент и нашата кауза која ја градиме денеска заедно со Фатмир Лимани, но и со многу други личности кои се очекува да ни се придружат до Конгресот, се важен сигнал дека Движењето Беса ја отвора големата врата за сите од нив кои сакаат да направат промена. Битката за праведна и рамноправна држава, за држава со нулта толеранција на криминалот и корупцијата и долгорочна стратегија за економско закрепнување што ќе ја осигури иднината на младите овде во државата, ќе бидат главни столбови на кои ќе се залага политиката на Движењето Беса“, рече Касами.

Ќе дојдеме, дополни тој, со конкретни политички иновации и понуди давајќи шанса за интеракција со сите опозициски политички сили, без разлика дали се тоа партии, невладини организации или професионалци од академската и деловната сфера, со единствена цел да ја урнеме оваа власт која ја претвори државата во арена каде што се купуваат пратеници, каде што ја искривуваат волјата на народот, каде криминалот и корупцијата стануваат составен дел од општеството.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

Фатмир Лимани истакна дека неговата цел за приклучувањето кон Движењето Беса не е градење политичка кариера, туку создавање нова генерација политичари каде професионалноста ќе биде клучот за подигање и развој на нивните кариери.

„Наша заедничка кауза со Движењето Беса ќе биде бескомпромисната борба против корупцијата и криминалот, еден од најголемите феномени и неуспеси на постоечката власт. Овие се фактите и причините што странските инвеститори ја избегнуваат нашата земја и на овој начин отворајќи го патот младите ги напуштаат своите родни места. Потребно е градење на долгорочна стратегија за економско закрепнување и развој со што ќе им овозможиме на нашите млади да ја планираат својата иднина во својата татковина. Сето тоа преку отворање на нови работни места во приватниот сектор, но и елиминирање на целата државна бирократија која води кон мотивација на корупција и заминување на инвеститорите од нашата земја“, рече Лимани.

Лимани, кој е внук на лидерот на ДУИ – Али Ахмети, минатата година ги напушти „интегративците“ и се кандидираше за градоначалник на Кичево, освојувајќи близу 5.000 гласови.

МИА

- Реклама -