НАТО „стелт“ ловци од петта генерација по првпат на Балканот поради кризата во Украина

Белград, 24 јануари 2022 година (МИА) – Холандија ќе испрати два најсовремени борбени авиони од петта генерација Ф-35А во Бугарија на пролет, како привремено засилување на силите на НАТО на Балканот, со што земјата сака да испрати порака дека цврсто ќе дејствува кон потенцијалната руска интервенција во Украина, пренесува Бета.

„Членките на НАТО заземаат различни позиции за источното прашање и испраќаат некои сили за зајакнување на членките кои се во близина на Русија, а некои, како Германија, се многу воздржани. Холанѓаните ќе ангажираат два F-35A во мисијата за надгледување на воздушниот простор на Црното Море во април и мај. За нивните пилоти и техничари, заминувањето со F-35A во партнерска земја ќе биде голем предизвик бидејќи тоа е софистициран и многу тежок авион за одржување“, наведува порталот Балканска безбедносна мрежа.

Порталот додава дека пред тоа се очекуваат сили на друг сојузник, бидејќи бугарскиот министерски совет следната недела треба да ја потврди одлуката за прифаќање на деташманот од пет до седум шпански ловци Тајфун.

„Софија гледа на таквите привремени засилувања како пожелна поддршка, позитивен потег за зајакнување на военото присуство на НАТО и демонстрација на единството и солидарноста на алијансата“, се вели во текстот.

Прочитајте и:  Полска компанија илегално испорачала стотици илјади парчиња швајцарска муниција во Украина

Холандија нарача 46 авиони Ф-35А да ги заменат ловците Ф-16.

Комплексниот процес на обука трае со години, а иако првиот авион со холандски ознаки полета во 2012 година, доопремувањето на првата ескадрила започна дури седум години подоцна.

Досега се примени 24 авиони со 55 пилоти. Холандската авијација официјално потврди на 27 декември 2021 година дека единиците Ф-35А ја достигнале почетната фаза на совладување техника во НАТО во однос на почетната оперативна способност. Иако не ја совладале целосно борбената употреба на авиони, еден пар оди во Бугарија на патролни и борбени задачи.

„Официјално не е наведено која бугарска база ќе биде домаќин на холандските Ф-35А. Може да се претпостави дека тоа ќе биде базата Граф Игнатиево во централна Бугарија, која е уредена согласно стандардите на НАТО и досега ја посетиле ловци од партнерски земји, најмногу од воздухопловните сили на САД“, се наведува во текстот.

- Реклама -