Формирани работните групи со Бугарија, Груби ќе копретседава со групата за култура, наука и образование

Владата на своја денешна четврта седница го донесе Решението за назначување на копретседавачи и членови во заедничките меѓувладини работни групи за продлабочување на билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, што како заклучок беше произлезен од состаноците за време на официјалната посета на делегацијата на бугарската Влада на нашата земја.

Како што соопшти владината Прес-служба, за копретседавачи во Заедничката меѓувладина работна група за економија, трговија и иновации се назначени Фатмир Битиќи, вицепремиер задолжен за економски прашања, координација на економските политики и инвестиции, а за членови се определени Фатмир Бесими, министер за финансии, Крешник Бектеши, министер за економија.

Членови на Комисијата треба да назначат и министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и за надворешни работи, Фонд за иновации и развој, агенциите за странски инвестиции и промоција на извозот и за промоција на туризмот, како и Министерството за економија за делот на енергетиката.

За копретседавачи во Заедничката меѓувладина работна група за инфраструктура, транспорт и поврзување се назначени Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, Горан Милевски, министер за локална самоуправа, Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација.

За членови треба да бидат назначени уште претставници на Кабинетот на заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските политики и инвестиции, како и на министерствата за финансии, за економија и за надворешни работи.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

Со заедничката меѓувладина работна група за европска интеграција и зелени политики за копретседавачи се назначуваат Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања, Славица Грковска, вицепремиер за политики за добро владеење и Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање, а членови во оваа работна група треба да назначат и министерствата за надворешни работи, за финансии и за правда.

За копретседавачи на заедничката меѓувладина работна група за култура, наука и образование се назначува Артан Груби, прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Бисера Костадиновска-Стојчевска, министер за култура и Јетон Шаќири, министер за образование и наука.

За членови во групата треба да бидат назначени и претставници на министерствата за економија и за надворешни работи и агенциите за промоција и поддршка на туризмот и за млади и спорт.

„Дополнително ќе се назначат и копретседавачи и членови за работната група којашто треба да се состои од претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика“, се вели во владиното соопштение.

МИА

- Реклама -