Скопје, 12 јанаури 2022 (МИА) – По примерот на западните земји, каде со сертификатот за вакцина, младите добиваат попусти, гратис храна, пијалок и други награди, и Владата планира стимулативни мерки за привлекување на оваа група граѓани да се вакцинираат.
Во програмата на новата Влада предводена од Димитар Ковачевски се предвидуваат стимулативни мерки за зголемување на интересот за вакцинација кај младите, како целна група која има најголем отпор кон имунизацијата.
Мерките на Владата, како што се наведува, се во насока на одржување на здравствените домови во полна кондиција и со персонал и со број на легла и технички капацитети за да ги опслужуваат граѓаните.
„Процесот на вакцинација е клучен за да се спречат тешки симптоми кај заболените, а со тоа да се спречи и преоптоварување на здравствениот систем, односно да не се доведеме во ситуација во која некој граѓанин не би бил на време и соодветно третиран“, стои во програмата.
Иницијативите за вакцинирање во западните земји се движеа од гратис производи кај одредени компании, до милионски лотарии во одредени држави во САД.
Во Германија по вакцинирањето, како стимул младите добиваат гратис пиво и колбаси, во Нов Зеланд беше организиран фестивал за вакцинација со бендови во живо, додека пак во Романија вакцинираните млади добиваа бесплатен влез во замокот на Дракула.