ВМРО-ДПМНЕ: Димитров да не глуми жртва, тој ги заплетка односите со сите наши соседи

„Сите го напуштаат бродот на Заев управуван од Ковачевски, затоа што е јасно дека тој тоне“, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ во однос на денешната прес-конференција на вицепремиерот за европски прашања – Никола Димитров, за кого ќе нема место во идната влада на Димитар Ковачевски.

„Сфаќаме дека за кариеристот Никола Димитров менувањето од министерската позиција е негов најнесреќен ден и затоа барем кариеристот Димитров нека не глуми генерал после војна и дека наводно бил жртва на ‘злобната’ Бугарија, туку тој е жртва на својата неспособност и распродавањето и поигрувањето со државните интереси“, реагираат од опозицијата.

Наместо Македонија во Европа, СДСМ, Заев и Димитров ја однесоа државата во ќор-сокак во однос на европските интеграции, велат од партијата.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

„Димитров е кариерист кој ги заплетка и комплицираше односите со сите наши соседи и го поларизираше општеството. Задоцнета е грижата на кариеристот Димитров за националните и државни интереси бидејќи беше првиот кој ги продаваше кога СДСМ беше во налет и цврста власт, и целосно ги игнорираше предупредувањата на ВМРО-ДПМНЕ. Сега неговата грижа освен што е лажна и лично мотивирана таа е и задоцнета“, категорични се од ВМРО-ДПМНЕ.

„И сосема на крај, не е интерес на странците, туку пред се интерес на македонските граѓани тој и оваа власт никогаш повеќе да има одговорности во оваа држава“, се додава во реакцијата.

- Реклама -