Кабинет на Заев: Доколку Димитров е против било која од позициите кои заедно ги изградивме, чесно е да го каже тоа и да објасни зошто

„Северна Македонија има јасни позиции во разговорите со Бугарија, изградени со целосно владино единство и испратени како одговор од нашето МНР до бугарското МНР. Македонскиот идентитет и македонскиот јазик воопшто не се тема на разговор помеѓу нас и Бугарија“, наведува Кабинетот на премиерот во оставка – Зоран Заев, во одговор на денеска изнесените ставови на досегашниот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров.

Во реакцијата се посочува дека македонските позиции кои се целосно на линија на португалскиот предлог кој бил усвоен и на словенечкото претседателство и кои се целосно во согласност со Резолуцијата усвоена во Собранието, се изградени низ сеопфатен консултативен процес и работни состаноци во кои Димитров имал активна и суштинска улога.

„Со македонските позиции во овие преговори се согласи и Никола Димитров, впрочем тој имаше сериозен удел во создавањето на тие наши позиции, низ процесот кој го водеше министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Доколку Димитров е против што било од позициите кои сме ги изградиле заедно, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации со цел од напред да се става товар на недоверба во владата“, се нагласува во реакцијата.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

Димитров денеска на прес-конференција изјави дека не се повлекол сам од функцијата, туку дека неговите позиции за спорот со Софија се причина што нема да биде дел од новата влада.

Извор: МИА

- Реклама -