Атина, 9 јануари 2022 (МИА) – Лидерот на грчката опозициска партија СИРИЗА – Алексис Ципрас, преку социјалните мрежи, соопшти дека е позитивен на Ковид-19, а грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис му посака брзо закрепнување, јави дописничката на МИА од Атина.
Ципрас, кој кон средината на ноември ја прими и бустер дозата, преку „Твитер“ денеска соопшти дека при превентивно молекуларно тестирање синоќа добил позитивен резултат, а неговата партнерка Бети и двете деца се негативни.
– Засега имам благи симптоми и се надевам дека наскоро ќе бидам здрав, напиша Ципрас на „Твитер“.
Грчкиот премиер, исто така преку „Твитер“, му посака на Ципрас брзо закрепнување.
– Со оглед на тоа дека ја има примено и бустер дозата на вакцината, сигурен сум дека сè ќе биде добро, напиша Мицотакис.