Скопје, 5 јануари 2022 (МИА) – Претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов за денеска попладне најави средба со мандатарот за состав на новата влада и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, со кој како што рече, уште еднаш ќе разговараат за програмските приоритети на партијата кои сакаат да влезат во владината програма. Ќе разговараме, потенцира Трајанов, и за кадровските решенија и за барањето земјава да биде една изборна единица, од кои, како што најави, ќе зависи и поддршката на Демократскиот сојуз за новата влада.
-Ковачевски треба да не информира за тие имиња што не се познати да ги презентира. Затоа што и поддршката, не само на ДС, туку и на другите партии, исто така ќе зависи од кадровскиот состав на владата. Ако имаме предлози кои што не можеме да ги поддржиме тоа значи дека тоа јавно ќе го соопштиме. Очекуваме транспарентност. Во оваа фаза можеби не ќе може да се објавуваат предлозите бидејќи уште се разговара, но очекуваме да бидеме информирани ние како партии, а верувам и другите партии. Ако има некаква информација, мандатарот има можност да ги соопшти имињата претходно или тоа ќе го направи кога ќе го достави предлогот до Собранието на Репубика Македонија. Ако не се согласуваме, нема да гласаме, тоа е просто и едноставно. Ако не се сложуваме за програмските определби, за составот на владата тоа значи дека која било партија нема обврска да гласа, особено што сега има најмалку 64 пратеници во парламентарното мнозинство, некои од партиите може и да не ја поддржат владата, рече Трајанов.
Тој, во изјавата дадена пред Уставниот суд по доставувањето на иницијатива за преименување на одредби од Изборниот законик, нагласи дека тие како партија не барале министерско место без ресор.
-Ние сме против тоа како партија. Вештачки да градиме етнички баланс во владата тоа не го прифаќаме. Но, тоа инициравме и поддржуваме, можеби партиите на турската етничка заедница да имаат министер за странски инвестиции бидејќи може тој полесно да дојде до компании кои сакаат да инвестираат во Македонија, особено од Турција, меѓутоа и пошироко од Балканот. А за други министри апсолутно не прифаќаме да се шири на тој начин. Вие знаете дека има проблеми околу составот на владата затоа што владата нема да биде одраз на соодветна етничка застапеност, ќе има дебаланс, меѓутоа ќе видиме тој процес како ќе го изведе до крај мандаторот Ковачевски, рече претседателот на Демократскиот сојуз.
Трајанов вели дека една од нивните програмски определби, за која се надеваат дека ќе биде дел и од владината програма, е земјава да биде една изборна единица, со што Парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните.
– ДС подготви измени во Изборниот законик. Таму дефинираме Македонија да биде една изборна единица. Повеќе политички партии се исто така предлагачи, освен ДС. Има поддршка од околу 20-тина пратеници и имаме начелен договор со ВМРО-НП, со ЛДП, со ДОМ и другите партии, партиите на турската етничка заедница и другите партии, и Левица е исто тука – потпишана е таа иницијатива. Имаме договор кога ќе се создадат услови во Парламентот веднаш да започне парламентарната расправа и тоа е еден од условите дали ќе ја поддржуваме новата влада или нема да ја поддржуваме. Така што, ако и натаму има развлекување или очекување сите партии да се сложат, никогаш нема да имаме консензус по ова прашање бидејќи постојано една од партиите е против, тие меѓусебно се договараат – во една прилика е ВМРО-ДПМНЕ е против, во друга СДСМ е против, во трета ДУИ… и тоа го развлекуваат, рече Трајанов.
Тој нагласи дека колку што сега има информации СДСМ е за една изборна единица, ВМРО-ДПМНЕ е за една изборна единица, а уште кај ДУИ има колебање.
-Има иницијативи да има изборен праг. Околу тоа прашање ќе разговарме. Ние стоиме зад предлогот каде што нема изборен праг. Тој изборен праг да се формира изворно природно зависно од бројот на излезени гласачи. Ако излегле на гласање 1.200.000 гласачи тоа значи дека за еден пратеник ќе треба да имате поддршка од 10 илјади избирачи, така што, тоа е природен праг, значи првиот изборен циклус да заврши така, а понатаму може да се разговара на следните избори околу дефинирање на изборен праг, реча претседателот на ДС.
Во приоритетите за кои се надеваат да станат дел од новата програма на владата, како што појасни Трајанов, е и барањето да се донесе закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, со формирање агенција чиј директор со мандат од седум години ќе го бира борд од новинари, невладин сектор, универзитетски професори, неколку пратеници од опозиција и од власта.
-Сметаме дека оваа агенција треба да биде многу мала – 30 до 40 врвни професионалци, да се скрати од седум институции број на вработени кои не се меѓусебно координирани, рече Трајанов.
ДС бара и да има повторување на постапката за сите, како што истакна, монтирани судски постапки. Појасни дека законот за ова прашање се развлекувал од 2020 година, но оти сега сега има начелен договор да се активира.
Партијата бара и да се разгледа можноста високообразованите кадри да останат во земјава по завршувањето преку вработување во приватниот или државниот сектор кое би било плаќано една година од буџетот. Секако, нагласи тој, треба да се направи рангирање на универзитетите и предност да имаат оние кои завршиле на универзитет од повисок ранг.