Брисел, 4 јануари 2022 (МИА) – Предлогот на Европска Комисија нуклеарната енергија да се означи како „одржлива“ наиде на силни критики од земјите предводени од Германија. Планот според кој треба да се иницира нов развој на нуклеарната енергија во Европа се смета за победа на Франција.
Планот на Европска Унија според кој некои нуклеарни електрани и електрани на природен гас би биле класифицирани како зелени инвестиции ја затвора една од најжестоките политички битки во ЕУ.
Како што објави Њујорк тајмс, предлогот уследи по повеќемесечното интензивно лобирање, во кое пронуклеарниот блок, предводен од францускиот претседател Емануел Макрон се спротивстави на Германија и другите земји кои се загрижени поради ширење на нуклеарната енергија во Европа.
Нацрт-текстот, што беше доставен до земјите-членки на ЕУ на 31 декември, се обидува да најде средина помеѓу двете страни. Според предлогот природниот гас и нуклеарната енергија ќе се сметат за „транзициски“ зелени извори на енергија, што ќе се користат додека земјите-членки на ЕУ преминуваат од енергијата од јаглен кон чисти енергетски технологии како ветерот и сонцето, наведува Њујорк тајмс.
Во нацрт-предлогот се истакнува дека нуклеарната енергија би можела да се класифицира како одржлива сè додека новите постројки добијат градежни дозволи до 2045 година и ги исполнуваат критериумите за избегнување на значителни штети по животната средина и ресурсите на вода.
Германија, Австрија и Луксембург се спротивставија на планот нуклеарната енергија да се класифицира како одржлива енергија во системот на ЕУ за зелени инвестиции, со образложение дека нуклеарната енергија не емитува јаглен диоксид, но произведува токсичен отпад и поради тоа не може да се означи како „одржлива“.
Додека вклучувањето на природен гас би значело дека голем број економии на ЕУ ќе се потпираат врз увозот на гас.
Нацрт-текстот ќе биде дел од консултациите со земјите-членки на ЕУ и експертите до 12 јануари