Иранскиот претседател најави одмазда за атентатот на Сулејмани ако Трамп не биде повикан на одговорност

Техеран, 3 јануари 2022 (МИА) – Иранскиот претседател Ебрахим Раиси денеска најави одмазда за американскиот атентат на иранскиот генерал Касем Сулејмани пред две години, доколку поранешниот американски претседател Доналд Трамп не биде повикан на одговорност.

Иран и неговите сојузници во Ирак му оддаваат почит на Сулејмани, командантот на елитната единица Ал Кудс, генерал кој пред неговата смрт имаше култен статус во иранското општество.

Сулејмани беше убиен на 3 јануари 2020 година во напад со дрон во близина на аеродромот во Багдад.

„Ако Трамп и поранешниот државен секретар Мајк Помпео не бидат судени пред непристрасен суд за кривичното дело убиство на генерал Сулејман, муслиманите ќе се одмаздат за својот маченик“, рече Раиси.

Прочитајте и:  САД ја отфрлаат одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху и Галант

Иран во неделата го повика Советот за безбедност на Обединетите нации да ги повика на одговорност САД и Израел, земја која Техеран исто така тврди дека стои зад атентатот.

Ден по атентатот, САД им кажаа на ОН дека тој чин бил самоодбрана и дека ќе преземат дополнителни активности на Блискиот Исток за да ги заштитат американските интереси „ако тоа биде потребно“.

- Реклама -