Амстердам, 2 јануари 2022 (МИА) – Во холандскиот главен град Амстердам се случија неколку судири меѓу полицијата и демонстрантите, кои се собраа поради воведените ограничувања против Ковид-19.
Претходно, градските власти, обвинителството и полицијата во Амстердам забранија протести против ограничувањата поради одбивањето на организаторите да гарантираат безбедно одржување на настанот. Тоа вклучуваше ограничување на бројот на учесници на 3.500. Сепак, организаторите соопштија дека очекуваат 25.000 луѓе да учествуваат и планираат да поминат низ градот.
Илјадници демонстранти попладнево се собраа на Музејскиот плоштад и маршираа низ градот. Демонстрантите бараа слобода и укинување на ограничувањата, особено на заклучувањето и отворање на продавниците и кафулињата. Причина за судирите со полицијата е тоа што дел од демонстрантите сакале да ја изменат маршрутата која властите им ја поставиле. Полицијата употреби полициски кучиња против демонстрантите.
Холандските власти воведоа заклучување на територијата на земјата од 19 декември до 14 јануари поради ширење на сојот омикрон. Во земјата се затворени сите барови, кафулиња, ресторани, продавници, кина, театри, музеи, спортски сали и други спортски центри. Затворени се и фризерските и козметичките салони, а нема ниту божиќни саеми. Остануваат отворени само продавниците за храна, аптеките, библиотеките, бензинските пумпи и автошколите. Училиштата исто така се затворени, а на возрасните им е препорачано да работат од дома доколку е тоа можно.