Мицкоски: Нема да дозволам да се чепка македонскиот идентитет, очекувам динамична година на промени

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека не очекува динамична година на промени, додавајќи дека на полето на евроинтеграциите ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се чепка во македонскиот идентитет и да се прифати бугарската Резолуција да биде дел од преговарачка рамка.

„Кога зборуваме за европерспектива, не очекувам дека нешто би можело драматично да се смени. Длабоко сум убеден дека не постои план 5+1 или како сакаат нека ги нарекуваат, затоа што постои Резолуција на бугарскиот Парламент. Во таа резолуција има точки кои што се неприфатливи за нас како народ, па дури и за политичари како и Зоран Заев, затоа што преставува сериозно негаторска и асимилаторска политика. Се додека таа резолуција постои, договор нема. Ќе имаме закочен евроинтегративен процес“, рече Мицкоски во новогодишното интервју за Алфа телевизија.

Тој истакна дека првиот момент кога таа резолуција ќе биде повлечена или заменета со некоја друга, тогаш може да имаме договор.

„Ако направат таков будалест чекор и да ја прифатат таа резолуција,  да биде дел од евентуална преговарачка рамка, тоа ќе биде конечна асимилација или блокирање на евроинтеграциите, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема намера да преговара за Резолуцијата на бугарскиот Парламент и таа да стане дел од преговарачката рамка и тоа да им е јасно на сите. Нема намера ВМРО-ДПМНЕ како идна влада ниту една точка да смени во македонскиот идентитет, каков сака нека е тој притисок. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ни милиметар да се чепка во македонскиот национален идентитет“, потенцираше Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Говорејќи за што нѐ очекува во 2022 година, тој рече дека следи динамична година во која ќе се стави крај на заевизмот.

„Јас очекувам да биде подинамична и потурбулентна година и мислам дека ќе има многу промени во Македонија во многу области и сметам дека сето ова што сме го зборувале ќе излезе дека сме во право и очекувам предвремени парламентарни избори и конечно да падне заевизмот“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски исто така истакна дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт прва одлука ќе биде намалување на даноците.

Според него, клучно за успех е да се сврти вниманието кон државата и да се стави акцент на политиките кои водат кон развој.

„Кога ќе дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт ќе направиме се да се свртиме кон државата. Треба да се има јасна политика за економски развој, социјална политика, образовна политика, да не бидеме најлоши во здравството. Има многу сегменти кои се важни за граѓаните. Треба да работиме за тоа што не обединува, а не што не разединува не можеме ад кажеме дека Македонците се плод на Коминтерната. Тоа не се позиции за 21 век“, вели Мицкоски. 

МИА

- Реклама -