Рама: Ако Бугарија продолжи со ветото, Албанија отворено ќе бара одвојување од Северна Македонија на патот кон ЕУ

Тирана, 30 декември 2021 (МИА) – Албанскиот премиер Еди Рама, на денешната предновогодишна средба со новинарите, рече дека процесот на европска интеграција е јасен и оти „Албанија е во апсурдна фаза на блокирање поради ветото наметнато од Бугарија врз Северна Македонија“.

Тој додаде дека Тирана нема намера до недоглед да зависи од волјата на Софија и најави дека ќе бара одвојување на Албанија од Северна Македонија на патот кон ЕУ, ако на крајот на француското претседателство, односно по првите шест месеци од следната година, Бугарија остане на ветото.

„Доколку Бугарија продолжи да става вето, отворено ќе побараме одвојување од Северна Македонија. Во меѓувреме, она што е важно е дека нашите бодови во оценките во однос на овој процес се зголемуваат и две важни компоненти во зголемувањето на бодовите се чекорите што почна да ги презема правосудниот систем“, рече Рама.

Прочитајте и:  Средба на Сиљановска Давкова со Орбан: Како држава не гледаме алтернатива за интеграцијата и полноправното членство во ЕУ

Тој посочи дека Специјалното јавно обвинителство (СПАК) го положи испитот, покажувајќи дека не е политички обвинител ниту на левицата ниту на десницата, туку е специјално обвинителство за борба против криминалот во Албанија.

Рама нагласи дека заедничките операции се подигнати на ново ниво, каде што СПАК има посебна улога.

„Сакам да ги охрабрам обвинителите на СПАК да не гледаат ниту лево ниту десно. Кога ја почнавме реформата во правосудството, многу луѓе во нас не веруваа дека ќе успееме“, оцени албанскиот премиер.

Тој уште еднаш посочи дека никој што има проблеми со правдата не може да се крие зад логото на неговата, владејачка, Социјалистичката партија.

- Реклама -