Брисел, 29 декември 2021 (МИА) – Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика Жозеп Борел во интервју за весникот „Велт“ ги нарече барањата на Русија за безбедносни гаранции и запирање на проширувањето на ЕУ и НАТО на исток „чисто руска агенда со целосно неприфатливи услови“.
„Барањата за безбедносни гаранции и запирање на проширувањето на ЕУ и НАТО на исток се чисто руска агенда со целосно неприфатливи услови, особено за Украина“, вели Борел.
Тој додава дека за првпат Москва „ги изнесува своите барања во писмена форма – нешто што досега не се случило“.
„Тоа го прават само победниците: Тие велат – ова се моите услови“, рече Борел.
Во средината на декември руското Министерство за надворешни работи објави нацрти на договорот со САД и договорот со НАТО. Документите веќе се предадени на Вашингтон и неговите сојузници. Во една од клаузулите, Москва предложи земјите од НАТО да и дадат гаранции на Русија кои ќе спречат понатамошно проширување на исток, особено на украинска територија.