Албанскиот претседател побара итна истрага за скандалот со објавените лични податоци и плати на граѓани

Тирана, 22 декември 2021 (МИА) – По објавувањето на скандалот со јавно презентиран список со лични податоци и плати на 637.138 граѓани, албанскиот претседател, Илир Мета, тоа го оцени како криминален акт, кој го доведува во опасност социјалниот мир.

Мета на Фејсбук пишува дека објавувањето на ваквите податоци претставува флагрантно кршење на слободите, човековите права и достоинство, законите и Уставот и оти се работи за „последователен плод на незаконитост“.

„Од медиумите дознав за јавно објавениот список со чувствителни лични податоци на 637.138 вработени граѓани, со флагрантно кршење на слободите, човековите права и достоинство, законите и Уставот, случај на повторена незаконитост. Личните податоци на секој граѓанин, кои се чуваат во јавни институции и се администрираат во државните бази на податоци, се лични, заштитени со закон и се наменети да се користат само за доброто на граѓаните и државата“, наведува Мета.

Додава дека секоја поинаква употреба на истите е кривично дело со кое „се загрозува општествениот мир со нарушување на приватната безбедност на секој граѓанин“ и побара итна истрага.

„Ги повикувам органите на прогонот и обвинителството веднаш да започнат, да поведат проверки и истраги, да ја утврдат оваа повторена активност на незаконитост, преземајќи без одлагање неопходните мерки за гарантирање на заштитата на личните податоци и изведување пред лицето на правдата на авторите“, бара Мета.

Реагираше и опозициската Демократска партија, која побара од премиерот Еди Рама да ја преземе одговорноста, како главен виновник и да поднесе оставка поради предметниот скандал.

Преку објава на Фејсбук реагираше и поранешниот претседател и експремиер Сали Бериша, кој откако искажува осуда за „овој последователен голем супер скандал“ додава дека тој „уште еднаш го докажува црното лице на наркодржавата и главата на медузата, Едвин Рама“.

- Реклама -