За СДСМ одлуката на Апелација за пуштање на Мијалков од притвор е удар врз правдата, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за „евтин театар“

„Денеска целата македонска јавност е сведок на силен удар врз правдата од страна на судиите во Апелацискиот суд во Скопје. Скандалозна е одлуката на судот да ја прифати гаранцијата со што на лицето Сашо Мијалков му се укинува притворот“, изјави портпаролката на СДСМ – Богданка Кузеска.

Мијалков издржува мерка притвор во предметот Трезор каде што е осуден на 8 години затвор, со сѐ уште не правосилна пресуда. Исто така, за Мијалков има и втора неправосилна пресуда од 12 години за нелегеланото прислушување, потсети таа.

Како и министерот за правда Бојан Маричиќ, но и неговиот заменик Ахим Нухиу, и Кузеска повика судиите Ѓоко Ристов и Енвер Беџети јавно да излезат и да пред целата јавност да кажат како е можно ваква одлука да се донесе за лице со вкупни пресуди од 20 години.

„Како оцениле дека не постои ризик од бегство? Сите граѓани многу добро знаат дека Мијалков беше недостапен за институциите и сега ризикот е повторно голем“, потенцираше Кузеска.

Според СДСМ, оваа одлука директно ја загрозува правдата, не само за овој предмет, туку и за сите останати кои се водат за Мијалков, како и за, како што велат, криминалот на други поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Изградбата на когенеративната централа значително ќе го намали загадувањето на воздухот и ќе обезбеди здрава животна средина

„Судиите се независни но оваа срамна и скандалозна одлука отвора сериозни сомнежи и претставува директен удар врз кредибилитетот на судството да испорача правда за секој“, оценија од владејачката партија, од каде ги повикаа сите надлежни институции да се вклучат во овој случај за да не се дозволи бегство, но граѓаните – да бидат гласни и заедно да обезбедат правда.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реакциите на СДСМ и Маричиќ ги оценија како евтин театар.

„Во услови кога државава е 111-то место на скалата за корупција и најкорумпирана во Европа, кога се прават списоци за помилување по партиска желба на власта и кога власта со истите свои инсталации во судството не реагира за ниту една афера и криминал, евтин е театарот којшто денес го изведува Маричиќ и СДСМ, партија која ја раководат корумпирани политичари и е во нераскинлива врска со криминалот“, порачаа од најголемата опозициска партија.

- Реклама -