Тирана, 20 декември 2021(МИА) – Мод мотото „Албанја протестира – против пактот Рама-Вучиќ за Балканскиот процес“, пред владата во Тирана вечерва се одржа протест во организација на поранешниот албански претседател, експремиер и историски лидер на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, кој по одржаниот референдум се гледа како нов лидер на партијата.
„Протестот го организираме во одбрана на виталните интереси на албанскиот народ и албанското општество. Ова е протест против трилатералниот пакт Белград-Тирана-Скопје, против тројката Вучиќ-Рама-Заев. Не сме против регионална соработка туку се залагаме за искрена и плодна соработка во рамки на евроатлантската интеграција“, рече Бериша пред насобраниот народ.
Додаде дека протестот е против проектот кој „оди на грбот на балканските народи“, кого го отфрлија Босна Херцеговина, Косово и Црна Гора, а како „закана го смета Хрватска“.
„Отворен Балкан нема друга цел освен воспоставување српски хегемонизам во регионот, што е во спротивност со нашите национални интереси. Проектот Отворен Балкан – идеја на Вучиќ и неговите двајца вазали, со сите донесени договори, ќе биде поништен штом ПД ќе дојде на власт“, рече Бериша, додавајќи дека кум на сето тоа е милијардерот Џорџ Сорос и ја повика владата и конгресот на САД да ги спречат политиките на Сорос на Балканот.
Порача дека „овој ураган, оваа лавина нема сила во светот што ќе ја запре“.
„Ова е прв од серијата протести сѐ до падот на нарко државата, враќањето на демократијата, плурализмот, слободниот глас. Бог да ги благослови Албанците во Албанија, Косово, Северна Македонија, Прешево, дијаспората. Бог да ја благослови Албанија“, го заврши своето обраќање Бериша.
Насобраните извикуваа Слобода, демократија, Бериша, Бериша, Рама оди си, а носеа и плакати меѓу кои имаше и напис Џорџ Сорос мафијаш.
Пред Бериша се обратија повеќе говорници, произнесувајќи се против „иницијативата „Отворен Балкан“, против двојникот Рама-Вучиќ кои сакаат да го поделат Косово“.
„Нашата држава се наоѓа пред историски момент, затоа да се обединиме во заштита на националното прашање. Демократската партија предводена од Сали Бериша е единствената која се грижи за тоа. Му порачуваме на Рама дека Вучиќ може да му биде пријател нему, но не и на Албанците „еден министер на Милошевиќ, никогаш“. Отворен Балкан е нож во грб за Косово“, главно беше пораката што ја упатуваа.
Меѓу оние кои се обратија беше и поранешниот албански претседател, Бујар Нишани.
„Ние никогаш не сме биле против добрососедство и соработка, но сме против српскиот хегемонизам, што е на штета на нашиот народ, овде во Косово и сите простори каде што живеат“, рече меѓу другото Нишани.
Се слушнаа и пораки до Албанците во Албанија, Косово, во Северна Македонија и во „живата рана“ – Чамарија, Грција, да не дозволат создавање Голема Србија, зашто тие се најевропски и најамерикански народ.
Демонстрантите се собраа пред седиштето на Демократската партија, продолжија преку булеварот „Народни херои и застанаа пред Влада.
За безбедноста беа ангажирани над две илјади полициски службеници од сите сектори.