Шекеринска не сака да биде дел од новата влада: Лекциите не ги научивме, некои од пораките на јавноста не ги чувме и разбравме

Актуелната министерка за одбрана – Радмила Шекеринска, нема да биде дел од новата Влада, изјави таа денеска.

Шекеринска потсети дека пред осум месеци се повлекла од функцијата заменик-претседател на СДСМ бидејќи, како што рече, не се согласувала со дел од политиките. Во тие политики, оцени Шекеринска, лежи и главната причина за поразот на локалните избори. Во тој поглед, таа не очекува работите да се сменат.

„За жал, мојот впечаток е дека тие лекции не ги научивме и дека некои од пораките на јавноста не ги чувме или не ги разбравме“, рече министерката. „Затоа мислам дека единствената чесна и принципиелна одлука е да не учествувам во следната Влада“, подвлече таа.

Прочитајте и:  Мицкоски разочаран од новото раководство на СДСМ

Според Шекеринска, во изминатите 4.5 години таа и другите нејзини колеги ѝ служеле на државата, а таа лично, како министерка за одбрана, се оддолжила за големата доверба добиена од граѓаните – како со членство во НАТО и најбрзата воена интеграција од страна на која било кандидатка членка на Алијансата, така и со апсолутно променета ситуација во нашата Армија, што за неа лично, како што рече, било апсолутно важно.

„Тоа беше резултат на тоа што работевме чесно, принципиелно и трудољубиво. Така треба да се работи и тогаш резултатите доаѓаат. Меѓутоа, ако не сме принципиелни кон себе, не можеме да бидеме принципиелни ни кон граѓаните“, рече Шекеринска.

- Реклама -