Скопје, 17 декември 2021 (МИА) – Целта да се обезбедат стабилна Влада и стабилно парламентарно мнозинство кои дејствуваат исклучиво во интерес на граѓаните и на државните интереси е исполнета, порачаа по вчерашната работна средба во Владата премиерот Зоран Заев, претседателот на СДСМ – Димитар Ковачевски, и претседателот на ДУИ – Али Ахмети.
Следните парламентарни избори, како што информираа од владината прес-служба, се очекува да бидат редовни и да се одржат во 2024 година, а дотогаш Владата ќе испорача економски резултати, брзи и квалитетни услуги кон граѓаните и успешно справување со пандемиската и со енергетската криза.
„Заев, Ахмети и Ковачевски се согласни дека новата Влада ќе биде целосно фокусирана на забрзано движење на државата по евроатлантскиот пат и дека целта е првиот голем успех на Владата да биде наоѓањето решенија за предизвиците во односите со Бугарија и почеток на преговорите за членство во Европската Унија“, беше соопштено по средбата.
Средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети, вчера имаше и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој порача дека разговарале за спорот со Бугарија, за што тој ги повторил своите ставови, но и за предвремените парламентарни избори.
„Имајќи ја предвид состојбата во општеството, криминалот и корупцијата нефункционалните институции, недисциплината, лошата економска и енергетска состојба во земјава и уште многу други фактори коишто негативно влијаат, мојот став е дека само со сериозен ресет на системот, многу макотрпна работа и нови луѓе можеме да излеземе од оваа кризна состојба од којашто се наоѓаме, а за тоа се потребни предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.
Според Мицкоски, предвремени парлaментарни избори се потребни час поскоро. Тој напомена дека во моментов ВМРО-ДПМНЕ е најголема пратеничка група со најголем број на грaдоначалници и советници, и како што рече, има политичко право и кредибилитет да бара предвремени парламентарни избори бидејќи победи на два пати на локалните избори и во првиот и вториот круг убедливо.
Коментирајќи го барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за предвремени избори, претседателот на државата Стево Пендаровски, вчера во гостувањето во „Топ тема“ на телевизија Телма рече дека на државата ѝ недостига период без избори.
„Ако има 61 глас, ќе одиме на избори. Се разбира дека демократски донесена одлука треба да се почитува. Но, факт е дека имавме 5-6 изборни циклуси во седум/осум години наназад и факт е дека на државата и недостасува период без избори, во кој треба да видиме што новите луѓе во новата Влада после Нова година можат да придонесат“, рече Пендаровски.
Тој, сепак, посочи дека според него многу тешко ќе се дојде до 61 глас во Парламентот за тој да се самораспушти и да се оди на предвремени избори.
Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, вчера во изјава пред Собранието за можноста да има предвремени парламентарни избори, рече дека, живееме во демокрaтски систем и ако 61 пратеник одлучат да одиме на избори и се распушти Собранието, нормално дека ќе се оди на избори.
„Мислам дека Алтернатива направи голем чекор кон отворање на оваа врата за почеток на преговори со ЕУ. Ако Бугарија и Европската унија сѐ уште не се одлучни да ја отворат оваа врата во декември, мислам тогаш тоа ќе се случи во јануари, мислам дека ќе треба да почекаме. Не мислам дека тоа беше единствената причина што станавме дел од Владата, има многу причини, но ова беше навистина многу важно, и една од најважните“, рече Гаши.