Вашингтон, 14 декември 2201 (МИА) – Истражувањето на лекот на Фајзер против Ковид-19 потврди дека помага во спречување на сериозни болести, соопшти компанијата, пишува Индекс.хр.
Во соопштението на компанијата се наведува дека антивирусниот лек во лабораториски услови бил ефикасен и против сојот омикрон.
-Убедени сме дека, доколку се одобри, овој потенцијален третман може да биде важна алатка во борбата против пандемијата, изјави Алберт Бурла, извршен директор на Фајзер.
Фајзер соопшти дека лекот „Paxlovid“, доколку се дава во рок од три дена од почетокот на симптомите, го намалува ризикот од хоспитализација и смрт за 89 проценти. Доколку се даде во рок од пет дена, ризикот се намалува речиси за исто толку, за 88 проценти.
Резултатите, засновани на анализа на 2.246 невакцинирани доброволци со тешки симптоми, во голема мера се совпаѓаат со првичната анализа спроведена од Фајзер и објавена минатиот месец.
Фајзер тврди дека 0,7 отсто од пациентите кои примиле „Paxlovid“ биле хоспитализирани во рок од 28 дена од влегувањето во истражувањето, но дека ниту еден не починал. Спротивно на тоа, 6,5 проценти од пациентите кои примале плацебо биле хоспитализирани или умреле.
Фајзер, исто така, ги соопшти и прелиминарните податоци од посебното истражување во кое беа испитани луѓе со помал ризик. Овие волонтери биле вакцинирани лица со некој фактор на ризик за тешка болест, како и невакцинирани пациенти без фактор на ризик.
Меѓу оваа група од 662 волонтери, „Paxlovid“ го намалил ризикот од хоспитализација и смрт за 70 отсто, соопшти компанијата.
Во двете испитувања, повеќето учесници во студијата биле заразени со делта варијантата. Но, Фајзер денеска објави дека „Paxlovid“, исто така, во лабораториските експерименти покажал добри резултати против сојот омикрон. Лекот влијаел врз еден од клучните протеини во новиот вид исто толку ефикасно како и другите варијанти, соопшти компанијата Фајзер.